logo
logo
logo

ПАЃА ПРИЛЕПСКАТА МАФИЈА (ДЕТАЛИ)

Vecer | 02.10.2026

ПАЃА ПРИЛЕПСКАТА МАФИЈА (ДЕТАЛИ)

Над 50.000 евра се пронајдени во банкарски сеф при дополнителен претрес во Прилеп, со што бројот на претресени локации во големата полициска акција против организирана криминална група достигна 37, соопшти денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Јанев при посетата на полициската станица во Прилеп рече дека по акцијата спроведена пред два дена е засилено и полициското присуство во градот, со цел полицијата да биде повидлива и поблиску до граѓаните.

За случајот кривична пријава е поднесена против 21 лице. Во неа не се опфатени четворицата осомничени полициски службеници, за кои е надлежна Внатрешната контрола на МВР. Од осомничените, на 14 лица им е определен притвор до 30 дена, додека четири лица се во куќен притвор.

– Уште една локација беше претресена вчера, исто така во Прилеп, во банка, во сеф, каде што пронајдовме дополнителни парични средства, над 50.000 евра, а пронајдовме и одзедовме моторни возила. Во тие 37 локации, четири беа извршени кај полициски службеници, вработени во рамките на Одделението за внатрешни работи во Прилеп – рече Јанев.

Тој додаде дека по поднесената кривична пријава, судот во Скопје донел мерки за обезбедување на осомничените.

– Тоа што се случи пред два дена овде и во Скопје и во Струга не е случајна акција, туку операција која, се надевам, вроди со резултати и се надевам дека граѓаните на Прилеп полека ќе го почувствуваат сето ова. Тоа што е најважно за мене и за колегите е дека митот за недопирливите во Прилеп конечно падна. Никој не може да се крие зад одредени врски, познанства и да се шета по прилепските улици и да се прави недопирлив. Како полиција, тоа нема да го дозволиме – изјави Јанев.

МВР на 30 септември спроведе координирана полициска акција по повеќемесечна истрага, при што, според полицијата, била сузбиена 21-члена организирана криминална група. Групата била составена од 20 лица од Прилеп и едно лице од Скопје, а, според МВР, била инволвирана во недозволена трговија со дрога и економски криминал.

Истрагата продолжува, а Јанев не ја исклучи можноста да бидат осомничени и други лица.

По големата акција, во која полицијата дејствуваше во Прилеп, Скопје и Струга, во Прилеп е засилено полициското присуство.

Јанев вели дека целта е полицијата да воспостави посилна врска со граѓаните и да ги охрабри да пријавуваат случаи поврзани со криминалот.

– Секојдневно ќе бидеме присутни со граѓаните, полицијата ќе биде уште повидлива, сакаме да ја зголемиме транспарентноста со граѓаните и да ги охрабриме. Упатувам апел сите ние да се охрабриме и да не молчиме. Да не бидеме само неми набљудувачи на одредени случувања. Кога има појава, да зборуваме гласно, кога има потреба – да дејствуваме и проблемите заеднички да ги решаваме. Полицијата е партнер на граѓаните и постои за нив – рече Јанев.

Тој најави дека полицијата ќе бара соработка и со сопствениците на угостителските објекти, за кои смета дека можеби имале искуства со осомничените.

Според Јанев, осомничените повеќе од 15 години ја воспоставувале мрежата за продажба и дистрибуција на дрога.

– Сигурно голем дел од сопствениците на угостителски објекти имале какви било искуства со осомничените. Ние сакаме со нив да воспоставиме партнерски пристап за во иднина да не се случуваат вакви појави. Тоа значи дека полицијата ќе биде поблиску до граѓаните, ќе биде видлива – рече Јанев.

Директорот оцени дека моменталната безбедносна состојба во Прилеп е поволна и покрај големата полициска акција.

– Бројките за безбедносната состојба во Прилеп, не само по случајот кој го завршивме пред два дена, генерално покажуваат дека трендот бележи намалување на кривичните дела од аспект на извршување на сериозниот криминал на подрачјето на ОВР Прилеп. Тоа што евентуално ги подигнува бројките е во делот на имплементацијата на законот поврзан со сообраќајот, но безбедносната состојба е поволна – рече Јанев.

Тој додаде дека целта на полицијата е дополнително да го намали бројот на кривични дела и прекршоци со кои се нарушува јавниот ред и мир.

Како позитивен податок го посочи и зголеменото откривање на кривичните дела со непознат сторител.

Јанев се осврна и на неговото учество на конференцијата на ЕУ за шефовите на полициите, која се одржа во Хаг.

Тој рече дека на средбата со директорот на Европол биле разменети информации за работата на македонската полиција и за можностите за продлабочување на меѓународната полициска соработка.

– Со директорот на Европол имавме отворена, пријателска средба каде што македонската полиција беше вреднувана. Иако сме трета земја нечленка на ЕУ, самиот факт што ние во 2024 и во 2025 година кумулативно имаме размена и зголемена полициска соработка за 99 проценти со сите партнерски служби, вклучително и Европол, е факт дека македонската полиција и тоа како е вреднувана и е на едно од повисоките нивоа во рамките на оваа меѓународна организација – изјави Јанев.

Тој посочи дека разговорите биле насочени и кон зајакнување на размената на информации, подобрување на нивниот квалитет и можноста за заеднички истраги со полициски служби од други земји.

– Отворивме нови поглавја кои најверојатно ќе следуваат во блиска иднина, но македонската полиција е рамо до рамо со сите европски полиции – рече Јанев.

Јанев додаде дека на средбите со европските полициски служби се разговарало и за евентуалното дејствување на полициите во периодот по завршувањето на конфликтот во Украина.

– Имавме средби со полициите од европските земји и македонската полиција е почитувана и вреднувана. Секако, битката со организираниот криминал, со криминалните мрежи, е во врвот на нашите интереси. Разговараме и како, како полиции, да дејствуваме во евентуалното завршување на конфликтот во Украина – рече директорот на Бирото за јавна безбедност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk