Нови учебници ќе добијат учениците од прво, второ, четврто и петто одделение од учебната 2027/2028 година, откако Министерството за образование и наука најави повлекување на 33 учебници што моментално се користат во овие одделенија.
Од МОН информираат дека станува збор за учебници кои се во петтата година од употреба и за кои е потребно подобрување на квалитетот и осовременување на содржините, објави 4news.mk Преку Педагошката служба веќе е објавен конкурс за изработка на нови учебници, кои треба да бидат подготвени за почетокот на учебната 2027/2028 година.
Во меѓувреме, Министерството спроведува постапки за обновување на наставните материјали и во повисоките одделенија и во средното образование. По донесувањето на новите наставни програми, обезбедени се нови учебници за седмо и осмо одделение во основното образование, како и за прва и втора година во средното гимназиско образование.
За административно завршување на постапките, донесени се решенија за повлекување на вкупно 108 учебници што претходно биле во употреба. Од нив, 17 се за седмо одделение, 18 за осмо одделение, 35 за прва година и 38 за втора година во гимназиското образование.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата