„НЕ ЗА ДВОЈНИ СТАНДАРДИ НА ПАТОТ КОН ЕУ“: Словачка со силна поддршка за Македонија

Vecer | 29.10.2026

„НЕ ЗА ДВОЈНИ СТАНДАРДИ НА ПАТОТ КОН ЕУ“: Словачка со силна поддршка за Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на земјава.

На средбата беа потврдени пријателските македонско-словачки односи.

Сиљановска-Давкова ја акцентираше важноста на континуираната словачка поддршка на македонскиот пат кон Европската Унија, нагласувајќи дека пристапниот процес треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован врз заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми.

За неа, постепената интеграција и пристапот до единствениот европски пазар, европските фондови и заедничките програми, води кон приближување кон ЕУ, но не може да биде замена за полноправното членство.

Таа изрази подготвеност за сестран дијалог со Република Бугарија, во духот на европските принципи и вредности, гарантирани во основачките документи.

Министерот Бланар ја реафирмираше словачката заинтересираност и посветеност на евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и нашата.

Тој силно го поддржа македонско-бугарскиот дијалог, како единствен начин за надминување на проблемите.

Како многупати досега, министерот нагласи дека Словачка е против било какви двојни стандарди во третирањето на земјите-кандидати за ЕУ.

Соговорниците ги истакнаа блиските јазични и културни врски меѓу двете земји, втемелени во делото на сесловенските браќа Кирил и Методиј.

Претседателката изрази длабока благодарност за објавувањето на првиот учебник за изучување на македонскиот јазик за словачките говорители и отворањето на првиот лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Нитра.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk