Владата планира нови инвестиции во железничката и патната инфраструктура, со цел подобро поврзување со соседните земји и создавање услови за привлекување нови странски инвеститори. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средба со претставници на Германската стопанска комора и Македонско-германското стопанско здружение.
Николоски рече дека инфраструктурните проекти се меѓу главните приоритети на Владата, како за привлекување нови, така и за задржување на постојните странски инвеститори.
Во однос на железничкото поврзување со Бугарија, тој информираше дека е објавен тендерот за третата делница, преку постапка на Европската Унија. Рокот за поднесување понуди е четири месеци, а Николоски очекува интерес и од германските компании.
Се работи и на развојот на централниот дел од Коридорот 8. Планирана е реконструкција и модернизација на пругата од Скопје преку Јегуновце, Тетово и Гостивар, потоа делницата од Гостивар до Кичево, како и изградба на нова пруга од Кичево преку Охрид и Струга до границата со Албанија.
Николоски најави и два големи експресни патишта во источниот дел на државата, чија изградба се очекува следната година, доколку се обезбедат потребните средства. Едниот би ги поврзал Кочани, Виница и Делчево со границата со Бугарија, а другиот Радовиш, Струмица и Ново Село со бугарската граница.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата