ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство по допрен глас да отвори истрага по вчерашните обвинувања на лидерот на СДСМ Венко Филипче упатени кон пратеничката Славјанка Петровска за наводен криминал тежок 37 милиони евра.
– Венко Филипче на вчерашната прес-конференција откри и потврди скандал каде што има основен сомнеж за криминал. Тој изјави: „Славјанка Петровска потпишала за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, откако комисијата донела друга одлука“. Пратеникот и лидер на СДСM, Венко Филипче, јавно излезе со обвинување против пратеничката од редовите на СДСM и екс-министерка Славјанка Петровска. Не може да се игнорира овој скандал кој го обелоденува токму Филипче. Тука сме да му помогнеме нему и да побараме токму од Јавното обвинителство, по допрен глас, да реагира и да го сослуша Венко Филипче за, како што самиот обвини, криминалот на Славјанка тежок 37 милиони евра – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски денеска пред Јавното обвинителство.
Тој додаде дека го поттикнуваат Филипче да не молчи и да каже сè што има за Петровска и очекуваат итно и неодложно Јавното обвинителство да реагира.
– Правда мора да има и добро е што Венко Филипче почна да зборува. Веруваме дека има уште многу повеќе да соопшти за криминалот во таборот на СДСM – додаде Манасиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата