Голем број странски туристи се пожалија преку објави на социјалните мрежи дека биле нападнати од корисници од соседните земји и од балканските ботовски мрежи, затоа што при посетата земјава ја нарекле „Македонија“, а не со целото службено име.
Тоа било доволно за бројни навреди, пцости, па дури и закани кои им ги испраќаат фрустрирани Грци и Бугари, дел од вистински профили на националисти и шовинисти, а дел од организирани групи на ботови кои ги таргетираат странските туристи во Македонија.
Но, иако тимот на Фактор се обидува да добие подетални информации од државните органи, засега само од Министерството за внатрешни работи имаме одговор дека „нема такви пријави“.
„Во врска со вашето прашање за зачестена појава на негативни коментари, булинг, говор на омраза од профили од соседството врз објави на странски туристи кои ја посетуваат нашата држава, Ве известуваме дека во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР нема пријава од лице кое добило коментари кои ја загрозуваат неговата безбедност, односно коментари кои шират говор на омраза“, одговорија од МВР, објавува порталот Фактор.

Дали државата треба да биде толку пасивна за оваа тема и да чека пријава од некој странски турист, или треба да се потруди да го заштити угледот како добар домаќин, но и да им понуди асистенција на сите странски гости кои се почуствувале нападнати на социјалните мрежи. И тоа го трпат на свој грб само затоа што во нивните видеа изговориле Македонија, или се „чекирале“ под локаторот Македонија.
Експертите за туризам кои не сакаа јавно да дадат изјава за оваа тема, велат дека не се целосно запознаени со овој тренд на напади врз странските туристи во Македонија, односно дека засега за тоа не се разговара на институционално ниво.
Државата исто така соработува со травел блогери и инфлуенсери кои треба да ги промовираат туристичките убавини на Македонија, но засега немаме добиено одговор колку лица се ангажирани и какви се нивните договори.
Треба да се посочи и дека дел од травел инфлуенсерите намерно го користат терминот „Македонија“, свесни дека тоа ќе повлече лавина реакции и коментари и алгоритмите ќе им го зголемат бројот на прегледи.
Но, меѓу нападнатите странски туристи има многу случаи на „обични“ луѓе, кои ниту се инфлуенсери, ниту имаат некаква медиумска или политичка агенда зад себе. Туку едноставно ја нарекле земјата како што мнозинството граѓани тука ја нарекуваат – Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата