Управата за финансиска полиција поднесе брутална кривична пријава против Атанас Костов, сопственик на фирма од Валандово, откривајќи невиден системски криминал, фиктивни договори и намерно предизвикување стечај со цел да се избегне исплата на застрашувачки долг од речиси 5 милиони евра!
Според официјалното соопштение на Финансиската полиција, Костов, во својство на сопственик и управител, во периодот од 2020 до 2023 година преземал низа противправни и манипулативни дејствија со однапред утврдена намера да го доведе правниот субјект во привидна финансиска немоќ. Тој очајнички се обидувал да го блокира извршувањето и наплатата на астрономски 289.617.022 денари кон странски доверител, како и 883.283 денари неплатени обврски кон Управата за јавни приходи.
Меѓународниот скандал е директно поврзан со австриската компанија „АММА“, која со години води правна битка за наплата на речиси 5 милиони евра добиени преку арбитражна пресуда во Виена, поради превара со извоз на корнишони. Наместо договорените корнишони од прва класа, производите биле пренасочувани на други странски субјекти, додека Костов панично ги префрлал вработените и имотот во фирмата „Глобал трејд“, сопственост на неговата сопруга Емилија Заева-Костова!
За да ги сокрие парите и имотот, тој дури склучил фиктивен договор за закуп со друга своја фирма од Дојран, па по неговото еднострано раскинување евидентирал неверојатни пенали од дури 233.700.000 денари за да го оптовари имотот со залог! Откако Основниот граѓански суд Скопје му ја блокираше оваа махинација со времена мерка, Костов заедно со уште едно пријавено лице извршил фиктивна позајмица од 4 милиони денари од фирмата на сопругата, за итно да поднесе барање за отворање стечај.
Овој случај предизвика вистински дипломатски потрес откако поранешниот австриски амбасадор Георг Вуцас јавно алармираше за корупција во институциите и бараше одговорност од судии, обвинители и нотари. Додека стечајната постапка сè уште виси во воздух, Финансиската полиција го пресече ланецот на манипулации и го предаде Костов на правдата!
Дел од медиумите пренесуваат дека Атанас Костов е зет за прва братучетка на поранешниот премиер, Зоран Заев.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата