Главниот товар во истрагата за разбивање на иранската криминално-терористичка мрежа која подготвувала напад на грчка територија го понесоа безбедносните служби на Северна Македонија, потврди портпаролката на грчката полиција, Константина Димоглиду, во изјава за државната телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина. Таа нагласи дека овој случај уште еднаш ја докажува клучноста на меѓународната разузнавачка соработка, додавајќи дека од грчка страна во операцијата била вклучена исклучиво Националната разузнавачка служба, која преку координација со странските партнери успеала навреме да спречи незаконска активност во Грција. Според Димоглиду, официјалните соопштенија од Скопје јасно го опишуваат дејствувањето на групата и посочуваат дека можната цел се наоѓала на грчка територија, додека прецизниот идентитет на метата и дали станувало збор за планиран атентат врз конкретно лице или поширок терористички акт допрва ќе се расветлуваат по извршените апсења и запленетите докази.
Осврнувајќи се на 30-годишниот македонски државјанин кој беше уапсен во Грција и потоа депортиран во земјава, Димоглиду објасни дека тој бил откриен од граничната полиција на североисточната граница кон Турција при обид да ја напушти земјата. Откако полициските службеници констатирале дека против него постои забрана за престој во Грција и во други држави, лицето било лишено од слобода и во првите денови од ноември депортирано во Северна Македонија. Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека осомничениот, кој претходно бил прогласен за непожелен од аспект на националната безбедност, се обидел да премине во Турција на копнената граница кај Еврос со автомобил со македонски регистарски таблички кон крајот на октомври.
Случајот со разбиената иранска ќелија веќе втор ден е водечка тема во грчките медиуми, кои шпекулираат со неколку неофицијални сценарија за потенцијалната мета на нападот. Меѓу најчесто споменуваните верзии се дека цел на атентатот бил грчки бизнисмен со еврејско потекло, израелски државјанин на висока позиција во голема компанија во Грција или лице директно поврзано со израелски интереси. Грчките новинари наведуваат дека ликвидацијата била осмислена така што на прв поглед би изгледала како обично криминално расчистување сметки, со цел целосно да се прикрие трагата и поврзаноста со иранските разузнавачки структури.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата