- По советот на шефицата на Европската комисија, дијалогот со Бугарија е почнат, меѓународните партнери се запознаени со содржината, продолжуваме да разговараме и кога ќе биде постигнат напредок ќе ги информираме граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски на новинарски прашање поврзани со обидите за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, откако средбата на министерско ниво помина без решение за суштинските прашања.
По сингалите од Софија дека нема репреговарање и уставни измени со одложено дејство, премеирот денеска беше прашан каде го гледа излезот од ваквата блокада.
„Во разговор, во дијалог, тоа е убавината на демократијата кога ќе разговарате и ќе водите дијалог. Јас се радувам што тој дијалог почна, се радувам што за дијалогот се запознаени нашите партнери. Тоа е убавината во демократијата, да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис. Очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“, рече Мицкоски.
На прашање пак, дали е можна нова средба до декемврискиот самит, Мицкоски одговори:
„Да оставиме процесот да се движи по природен пат. За се што треба јавноста да знае, ќе знае на време.“
По завчерашната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски кажа дека средбата помина во конструктивна атмосфера и позитивен дух, но без решение за суштинските прашања.
Министерката Петрова-Чамова, пак, рече дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и очекува земјата да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени.
И таа оцени дека средбата била конструктивна, а кажа и дека од Муцунски побарала да ја информира за временската рамка во која македонската страна очекува да ги исполни преземените обврски, по што ѝ било посочено дека е потребно да се изгради чувство на доверба меѓу двете земји.
Средбата се одржа по македонска иницијатива, а на идеја на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата