Мицкоски од Брвеница повика да се заокружи број 1

НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБААТ НОВИ УСПЕСИ, ГЛАСАЈTЕ ЗА ПОВЕЌЕ ПРОЕКТИ И ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ, А НЕ ЗА ЕТНИЧКИ ПОДЕЛБИ

Vecer | 30.10.2026

НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБААТ НОВИ УСПЕСИ, ГЛАСАЈTЕ ЗА ПОВЕЌЕ ПРОЕКТИ И ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ, А НЕ ЗА ЕТНИЧКИ ПОДЕЛБИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од завршниот митинг во Брвеница упати порака за единство и развој, повикувајќи ги граѓаните на поддршка за кандидатот Стојанче Радичевски.

Мицкоски истакна дека на општината и на државата им се потребни проекти и сигурност наместо етнички поделби и политички калкулации. Тој упати критики до коалицијата предводена од ДУИ, посочувајќи дека нивното дведецениско владеење не донело конкретни резултати за граѓаните.

„Брвеница заслужува развој, заслужува сигурност, заслужува иднина во која младите ќе остануваат, семејствата ќе напредуваат, а секој човек, без оглед на неговата национална, верска или политичка припадност, ќе чувствува дека ова е неговиот дом, неговата општина и неговата држава“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека патриотизмот се докажува со конкретни дела, а не со националистички пароли, додавајќи дека корупцијата и сиромаштијата ги засегаат сите граѓани поддеднакво.

„Кога некој постојано продава етнички магли, кога отвора национални прашања секогаш кога нема што да понуди, кога поважно му е нечие име или презиме отколку неговиот карактер, кога етничката припадност ја става пред трудот, чесноста, енергијата и љубовта кон Македонија, тогаш имате сериозна причина да се запрашате какви се неговите вистински намери“, рече Мицкоски.

Во своето обраќање тој упати порака и до младите луѓе, истакнувајќи ја обврската на власта да создаде услови за тие да ја планираат својата иднина во сопствената земја.

„Како претседател на Владата имам обврска да работам за Македонија, да се борам за Македонија да стане земја во која заминувањето нема да биде нужност, туку избор. Земја во која млад човек ќе може да успее со сопствениот труд. Земја во која вреди да се формира семејство, да се инвестира, создава и да се остане“, посочи тој.

Мицкоски се осврна и на неодамнешната одлука на Врховниот суд за случајот со модуларната болница во Тетово, упатувајќи критики за функционирањето на правосудниот систем.

„Сетете се на модуларната болница, сетете се како луѓе живи гореа и сетете се на одлуката на врховниот суд, видете ги судиите коишто ја донесоа таа одлука на 22 октомври, овој месец, кога ги ослободија тие луѓе. Истите тие луѓе. Зашто? Затоа што се блиски до раководството на ДУИ. Сакаме ли таква правда? Тоа ли е иднината на Македонија?“, изјави тој.

На крајот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика жителите на сите населени места во Брвеница масовно да излезат на гласање и да дадат поддршка за промени и подобрување на условите за живот.

„Затоа ве повикувам масовно да излеземе и да го заокружиме бројот 1. Да заокружиме за Стојанчо. Да ги поразиме овие политичари на минатиот век. Овие луѓе не се политичари на иднината“, заклучи Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk