logo
logo
logo

Нема “Случај Шавреска“. ПАЦИЕНТКАТА ОДБИЛА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА, потврдено со нејзин потпис

Vecer | 14.09.2026

Нема  “Случај Шавреска“. ПАЦИЕНТКАТА ОДБИЛА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА, потврдено со нејзин потпис

Директорот на Општата болница во Охрид и доктор на Одделението за гинекологија и акушерство, д-р Горан Маркоски, ги отфрла наводите на медицинската сестра Љубица Шавреска за недоличен телефонски разговор во ноќта кога таа побарала лекарска помош. Маркоски тврди и дека на пациентката во два наврати ѝ била предложена хоспитализација, која таа ја одбила со своерачен потпис.

Маркоски достави хронологија на прегледите на Шавреска во охридската болница, откако таа јавно го опиша третманот што, како што тврди, го добила во повеќе здравствени установи пред нејзината бременост да заврши со загуба на плодот.

Според Маркоски, Шавреска во Општата болница во Охрид била следена уште од раната бременост. Тој наведува дека првпат се јавила во седмата гестациска недела поради крварење.

„Ординирана е соодветна прогестеронска таблетарна и ампуларна терапија и истовремено е отворено боледување со дијагноза заканувачки абортус, кое е продолжувано во неколку наврати поради истоимената дијагноза која се споменува до самиот крај на бременоста“, вели Маркоски.

Тој тврди дека на пациентката континуирано ѝ била препишувана терапија соодветна за гестациската недела.

Како важен момент во хронологијата, Маркоски го посочува 31 август. Според него, Шавреска тој ден повторно дошла на преглед, а дежурниот доктор констатирал крварење и предложил хоспитализација.

Пациентката своеволно, спротивно на советот од доктор-специјалист, ја одбива, а истото е евидентирано во медицинскиот дневник со своерачен потпис на пациентката“, наведува Маркоски.

На 9 септември, во утринските часови, Шавреска повторно се јавила во болницата. Маркоски вели дека дежурниот лекар направил целосен ултразвучен преглед и повторно ѝ била ординирана терапија соодветна за гестациската недела. Според неговиот одговор, пациентката одбила вагинален преглед.

Истата вечер таа повторно дошла на Одделението за гинекологија и акушерство. Според директорот, по извршениот преглед повторно ѝ била предложена хоспитализација, како и транспорт со болничко возило до Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Маркоски тврди дека Шавреска и овојпат ја одбила понудената опција, спротивно на советот на лекарот и со своерачен потпис, наведувајќи дека со сопствено возило ќе замине во приватна здравствена установа.

Овој дел се надоврзува на сведоштвото на самата Шавреска, која претходно наведе дека д-р Радмила Здравеска во Охрид извршила детален преглед, констатирала сериозно скратување на грлото на матката и ѝ посочила дека треба да замине во Скопје, при што понудила да организира болнички транспорт. Шавреска самата наведе дека, на нејзино инсистирање, наместо со организираниот транспорт заминала со сопствено возило во приватната болница „Плодност“.

Маркоски, меѓутоа, категорично го негира делот од нејзиното сведоштво што се однесува лично на него. Шавреска тврдеше дека при нејзиното доаѓање во болницата во раните утрински часови Маркоски бил повикан и дека подоцна, во телефонски разговор со медицинска сестра, наводно рекол да не го будат во 3:30 часот „за такви глупости“, туку само ако дојде жена да се породи.

„Во однос на мојот наводен телефонски разговор со дежурната сестра, како и на недоличниот речник кој се споменува, најодговорно тврдам дека е целосна невистина. А и како би можел некој да знае кој со кого и што разговара по телефон“, одговара Маркоски.

Тој изразува сожалување за исходот на бременоста, но ја повикува Шавреска, доколку смета дека имало лекарска небрежност, случајот да го пријави пред надлежните институции.

„На пациентката ѝ изразувам искрено сожалување за неуспешната бременост и побрзо закрепнување и истовремено ја охрабрувам, доколку смета дека се работи за лекарска небрежност, случајот да го пријави до соодветниот инспекторат“, вели Маркоски.

На прашањето дали навремена хоспитализација можела да влијае врз понатамошниот тек на бременоста, Маркоски не дава директен медицински заклучок, туку возвраќа со прашање.

„Дали доколку пациентката своеволно не го одбиела и првиот совет за хоспитализација, бременоста би го имала истиот исход како сегашниот?“, вели директорот на охридската болница.

Одговорот на Маркоски е втор институционален одговор по јавното сведоштво на Шавреска. Претходно и директорката на ГАК, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, соопшти дека Шавреска на Клиниката добила симптоматска и токолитична терапија и дека била испишана на сопствено барање и одговорност, спротивно на советот на лекар специјалист.

ГАК најави и дека случајот детално ќе го разгледува интерната комисија за контрола на квалитетот.

Шавреска, медицинска сестра со десетгодишно искуство во здравството, во своето јавно обраќање опиша повеќедневен пат низ повеќе здравствени установи во Охрид, Струга и Скопје. Таа не тврди дека конкретен лекар ја предизвикал загубата на бременоста, туку бара одговори за начинот на кој, според нејзиното сведоштво, била третирана како пациентка.

Министерството за здравство побарало од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да спроведе надзор над постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал вклучени во случајот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk