logo
logo
logo

Државата гради, а тие крадат: ПОЛА МИЛИОН ЕВРА КРАЖБИ НА ПРУГИТЕ ЗА САМО ЕДНА ГОДИНА

Vecer | 03.07.2026

Државата гради, а тие крадат: ПОЛА МИЛИОН ЕВРА КРАЖБИ НА ПРУГИТЕ ЗА САМО ЕДНА ГОДИНА

Кражбите на железниците претставуваат сериозен безбедносен и економски проблем што директно ги загрозува човечките животи и предизвикува огромни застои во железничкиот сообраќај. Организирани групи и поединци најчесто крадат одредени делови од инфраструктурата поради препродажба на суровини на црниот пазар, особено бакар.

Крадците сечат сигнални инсталации, телекомуникациски и напонски кабли (дури и под висок напон) за да продадат украден скап бакар. Сечењето на сигналните кабли го оневозможува автоматското сигнализирање, што може да предизвика судири на возови или судири со возила. Трошоците за поправка и повторно воспоставување на системот неколку пати повеќе ја надминуваат вредноста што крадците ја заработуваат со продажба на украдениот материјал.

Речиси половина милион евра изнесува проценетата штета од кражбите по македонските пруги од страна на надворешни лица во текот на минатата година, објави Јавното претпријатие за железничка инфраструктура во извештајот за работењето во текот на 2025 година.

„Во работењето на ЈП ЖРСМ - Скопје за периодот од 01.01 - 31.12.2025 правната служба евидентира кражби по пријави при што е настаната штета во вредност од 28,67 милиони денари, или 446.197 евра. Со тоа се предизвикува нарушување во стабилноста и нормалното одвивање на железничкиот сообраќај на пругите на територија на Македонија“, наведено е во извештајот.

Информацијата за „Фактор“ ја потврди и Синиша Ивановски, директорот на јавното претпријатие задолжено за одржување на железничката инфраструктура, кој вели дека кражбите оваа година се намалени грубо за 80 отсто помалку.

- Имаше многу случаи на кражби и тие не престануваат, иако моите информации се дека има и затворски казни. Најмногу се краде бакарот кој е доста важен за сигнализацијата и го става сообраќајот под ризик. Ние поради тоа за 6 милиони денари ангажиравме агенција за обезбедување, но мислам дека е невозможно да се контролира се и секаде, вели Ивановски.

Инаку во самиот извештај пишува дека загубата за минатата година на „Македонски железници- инфраструктура“ изнесува дури 267 милиони денари и за една година е зголемена за 41,5 отсто. Тоа најмногу се должи поради ненаплатеното годишно побарување од железничкото транспортно претпријатие кое како единствен оператор ја користи инфраструктурата. МЖ ТЅранспорт на МЖ Инфраструктура му останал должен лани во висина од 236 милиони денари плус камати од 70 милиони денари.

„Ненаплатени побарувања се во износ од 412,75 милиони денари и се зголемени за 127,7 отсто во однос на истиот квартал од минатата година како резултат на зголемување на побарувањата од ЖРСМ Транспорт АД како единствен железнички оператор во овој момент“, додадено е во објавениот документ.

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура има доспеан долг од 80 милиони евра кон Министерството за финансии, кое како гарантор му ги плаќа обврските по меѓународните кредити за изградба на новите железнички траси главно по Коридор 8.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk