logo
logo
logo

ЗОРОДУ е чекор кон појасна и пофункционална државна управа

Минчев: Кога надлежностите се преклопуваат, одговорноста се разлева, а цената на нефункционалниот систем ја плаќаат граѓаните

Vecer | 21.10.2026

Минчев: Кога надлежностите се преклопуваат, одговорноста се разлева, а цената на нефункционалниот систем ја плаќаат граѓаните

Министерството за јавна администрација денеска одржа јавна дискусија за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), со кој се поставува нова рамка за организацијата, надлежностите и одговорноста на органите на државната управа.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, порача дека државата мора да излезе од моделот во кој институционалната структура е под влијание на дневнополитички договори, создавајќи преклопени надлежности, непотребни административни бариери и нејасна одговорност за резултатите.

„Повеќе од две децении, државната управа се соочуваше со последиците од фрагментирање на институциите и создавање структури без доволно јасно оправдување за нивното постоење. Кога надлежностите се преклопуваат, одговорноста се разлева, а цената на нефункционалниот систем ја плаќаат граѓаните и стопанството. Тоа мора да се промени. Институциите не смеат да бидат инструмент за задоволување партиски или бирократски интереси“ – истакна Минчев.

Во рамки на своето излагање, тој истакна дека со предложеното законско решение се отвора важен процес на уредување на институционалната поставеност на државата, со јасно разграничени функции и правила што ќе овозможат поефикасно спроведување на јавните политики.

„Организацијата на државата мора да произлегува од потребите на граѓаните, функционалноста на институциите и јавниот интерес. Со ЗОРОДУ воспоставуваме основа за систем во кој надлежностите се јасно определени, а институционалната поставеност има своја оправданост и конкретна цел“ – нагласи Минчев.

Нацрт-законот предвидува прецизирање на односите меѓу Владата, министерствата, органите во нивниот состав, самостојните органи на државната управа и управните организации. Се утврдуваат критериуми за основање и функционирање на органите, а за самостојните органи се предвидуваат јавна евиденција и функционален и организациски преглед најмалку еднаш во пет години. Со тоа се создава механизам за периодично преиспитување на институционалната поставеност и нејзината усогласеност со реалните потреби.

„Втората суштинска промена е во начинот на кој ја разбираме институционалната одговорност. Секоја надлежност мора да биде јасно утврдена, секоја институција да има определена функција, а јавните ресурси да се користат одговорно и рационално. На граѓаните им должиме систем во кој постапувањето е предвидливо, законито и професионално“ – истакна министерот.

На отворената јавна дискусија учествуваа претставници на академската заедница, дипломатскиот кор, институциите, граѓанските и синдикалните организации. Преку консултативниот процес, Министерството овозможува стручната јавност и сите заинтересирани страни да ги разгледаат предложените решенија и да придонесат кон нивно унапредување со аргументирани предлози.

Дополнително, Нацрт-законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со рок од 30 дена за консултации.

ЗОРОДУ е дел од реформската агенда на Министерството за јавна администрација, кое се залага за унапредување и професионализација на административната служба и воспоставување пофункционален систем на државна управа.Преку координирани реформи и соработка со институциите и стручната јавност, Министерството останува посветено кон создавање администрација што ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе придонесе за поефикасно функционирање на државата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk