Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека се водат интензивни разговори со Брисел за изнаоѓање модел кој ќе ги спречи големите гужви на граничните премини, особено во летниот период, а кои се поради новиот европски систем за влез и за излез (ЕЕС).
Муцунски, одговарајќи на пратеничко прашање од Сања Лукаревска од СДСМ, рече дека во моментов ништо не е официјално потврдено.
„Тоа што би можел да ја информирам јавноста е дека имаме разговори и со институциите на Европската Унија и со земјите членки, за во летниот период, кога ќе настанат најголемите гужви, да постои некаков систем преку кој ќе има олеснувања. Во моментот, бидејќи ништо не ни е официјално потврдено, за жал, и јас ништо не можам официјално да потврдам, но очекуваме како регион, соработувајќи и со земјите членки, кои и самите не сакаат вакви гужви, да има подобри услови од тие што ги имаше во последниот период“,
рече Муцунски на собраниската седница посветена на опозициски пратенички прашања.
Тој посочи дека во текот на претходната недела бил на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што лично тој го отворил ова прашање.
„Присуствував и на состанок на министрите за надворешни работи во форматот ’Пријатели на Западен Балкан’ во Братислава. Лично бев првиот министер од регионот кој го отвори ова прашање. Исто така, разговарам и билатерално со земјите од регионот. Како еден пример, министерот за внатрешни работи Тошковски пред неколку недели исто така беше во Грција, каде што разговаравме и дискутиравме како да се најде решение колективно за целиот регион“,
додаде Муцунски.
Муцунски рече дека веста што излезе дека граѓаните на Србија се исклучени од ЕЕС, е лажна вест, неточна информација.
„Информацијата за индивидуално исклучување на одредени земји е неточна, односно лажна вест, што се пласираше во одредени медиуми. Јас тоа го видов од медиуми во соседна Србија, затоа секогаш треба да бидеме внимателни кога читаме вакви информации и да ги следиме официјалните податоци и информации што доаѓаат од ЕУ, од земјите членки на ЕУ, но и од македонските институции. Јас наредниот ден таа информација ја нареков политички естраден настап, затоа што е апсолутно неточна“,
рече Муцунски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата