ДВЕ СООБРАЌАЈНИЦИ, МОСТ и 100 АВТОБУСИ во планот за Скопје

Vecer | 18.11.2026

ДВЕ СООБРАЌАЈНИЦИ, МОСТ и 100 АВТОБУСИ во планот за Скопје
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево и новата сообраќајна врска меѓу улиците „Љубљанска“ и „Скупи“ преку новиот мост на Вардар во Карпош ќе бидат завршени до крајот на 2026 година, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, презентирајќи го едногодишниот отчет за сработеното. Според документот, во завршна фаза се и градежните работи на клучката кај Момин Поток, додека во Керамидница се асфалтираат пристапните улици на булеварот „АСНОМ“ со цел конечно да се пушти во употреба мостот „Генерал Михајло Апостолски“. За растоварување на сообраќајниот хаос кај Клиничкиот центар, пак, во завршна фаза е постапката за избор на изведувач за две монтажни катни гаражи со вкупен капацитет од над 500 паркинг-места.

За 2027 година е предвиден почетокот на изградбата на мостот преку Вардар кој ќе ги поврзе Ново Лисиче и Маџари, а паралелно се подготвуваат проектите за нов влез во градот преку мост и улица меѓу Ѓорче Петров и Сарај, како и за булеварот „Хасан Приштина“, додека првата подземна сообраќајница, булеварот „Македонија“, е планирана да се реализира до крајот на мандатот. Во делот на јавниот превоз, Ѓорѓиевски најави набавка на 100 нови еколошки автобуси, за кои засега не е прецизиран рок на испорака, како и продолжување на проектот за брз автобуски превоз (БРТ) по изменето решение според кое автобусите ќе сообраќаат по ленти од двете страни на средишното зеленило со цел истото да се зачува.

На еколошки и урбанистички план, по санацијата на депонијата „Вардариште“ се планира подигнување на голем парк на површина од околу 600.000 квадратни метри, а со ребалансот веќе се обезбедени средства за нова противпожарна станица во Аеродром кај Центарот за јавно здравје. Градот најавува и бесплатен прием на кабаст отпад во „Дрисла“ еднаш неделно, додека во 2027 година по темелна реконструкција повторно треба да ги отвори вратите градското кино „Милениум“. Во прегледот на веќе реализираните проекти во изминатата година се издвојуваат реконструкциите на улиците „Перо Наков“, „Фрањо Клуз“, улицата „101“ во Волково и надвозникот „Естакада“ во Гази Баба, изградбата на нова водоводна мрежа во Нерези, Бел Камен и Горно Лисиче, над 40 проценти реализација на пречистителната станица во Трубарево, воведувањето на градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје од септември, како и пристигнувањето на првата пратка од вкупно 3.300 нови контејнери.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk