logo
logo
logo

ЗАТВОРЕНИ МНОГУ УЛИЦИ ВО СКОПЈЕ, важна информација за возачите

Vecer | 04.10.2026

ЗАТВОРЕНИ МНОГУ УЛИЦИ ВО СКОПЈЕ, важна информација за возачите

Рекордни 15.050 натпреварувачи од 63 земји ќе учествуваат на годинешното 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, кој ќе се одржи денеска во Скопје. Покрај рекордниот број учесници, на стартот ќе има и елитни тркачи од повеќе земји, кои ќе се борат за најдобрите резултати. Најбројни по земји, покрај учесниците од Македонија, се натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и Турција.

Годинешното издание повторно носи четири трки – маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетна трка.

Од 06:00 до 14:00 часот, дел од улиците и булеварите по кои минува трасата на маратонот ќе бидат затворени за сообраќај, а возилата ќе се пренасочуваат по алтернативни правци.

Затворен ќе биде потегот од Рекорд, односно улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, а ограничувањата ќе продолжат по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ до реонот на Хром.

Посебен режим ќе има и на делови од улицата „11 Октомври“, на потегот од Собранието кон Црвен крст, како и на делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“, до реонот кај Американ колеџ.

Во Аеродром, со изменет режим ќе бидат опфатени потезите кон Воен базен, Мајчин дом и булеварот „Јане Сандански“, сè до раскрсницата со булеварот „Србија“.

Возачите ќе треба да користат алтернативни сообраќајници, а конкретното пренасочување ќе се врши во зависност од движењето на тркачите по трасата.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

Организаторите, пак, ги повикуваат граѓаните навреме да го испланираат своето движење низ градот и, каде што е потребно, да користат алтернативни правци.

Покрај натпреварувачкиот дел, Виз Ер Скопскиот маратон и годинава подготвува активности со кои дополнително ќе се збогати искуството на учесниците и публиката. Посебно внимание е посветено и на поддршката долж патеката, која традиционално е еден од препознатливите делови на маратонот.

Годинава во главната трка се пријавени 800 тркачи, од македонските најголем фаворит е минатогодишниот победник Дарио Ивановски. За полумаратонот се пријавени околу 3.000 тркачи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk