Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска беше во работна посета на Струмица, каде со градоначалникот Петар Јанков разговараше за инфраструктурните проекти во општината и плановите за нејзин понатамошен развој.
На средбата присуствуваа и претставници на општинската администрација, како и пратениците Ели Панова и Жан Дрвошанов.

Според Министерството за транспорт, само преку ова министерство во Струмица се реализираат инфраструктурни проекти во вредност од над седум милиони евра.
Меѓу проектите е изградбата на атмосферски канализациски систем во населеното место Просениково, чија вредност изнесува 46,6 милиони денари.
На средбата се разговарало и за патната и комуналната инфраструктура, како и за проектите кои Владата ги поддржува во општината.
Една од поголемите најавени инвестиции за целиот регион е изградбата на експресен пат кој треба да се протега од Радовиш, преку Струмица и Ново Село, до границата со Бугарија.
За овој проект во моментов е започната постапка за избор на проектантска, односно консултантска куќа која треба да ја подготви целокупната документација.
Планирано е да бидат изработени предпроектна документација, еколошки и социјални студии и физибилити студија. По завршувањето на документацијата треба да следува тендер за избор на изведувач и изградба на патот.
Николоски претходно најави дека проектот е планирано да се финансира со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта.
Според неговите најави, целта е новиот експресен пат да не завршува во Струмица, туку преку Ново Село да продолжи до македонско-бугарската граница.
Од Министерството за транспорт велат дека инвестициите во Струмица се насочени кон подобрување на патната и комуналната инфраструктура и создавање подобри услови за жителите и локалниот економски развој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата