Пописот од 2021 година покажува дека најголем дел од македонските работници работат во местото на живеење, помал број во друго населено место, додека дел работа си нашле во странство.
Според овие податоци, 445.492 луѓе работат во населеното место каде што живеат. Во друго населено место работат 110.777 работници.
Дека работат во странство на пописот се евидентирани 8.527 луѓе, а во категоријата непознато има 43.724 луѓе.
Maкедонските работници првенствено бираат работно место во својот град. Младите кои сакаат напредок во кариерата се преселуваат или патуваат во Скопје, а за семејните луѓе и постарите ова е потешко поради обврските кон децата или поради возраста не сакаат да патуваат, да губат време и за нив е полесно да работат во своето населено место.
Оние кои секој ден патуваат во Скопје на работа се од околните градови како Велес, Куманово, Тетово. Се случувало и луѓето кои одреден период работеле во главниот град, потоа да продолжат со работа во компанија во родното место. За која опција ќе се одлучат луѓето зависи од нивната животна доба, од амбициите и можностите.

„Најголем дел од кандидатите гледаат да си најдат работа во својата општина. Но, сѐ е централизирано во Скопје, во главниот град се гледа можност за напредок и ја има таа миграција кон Скопје.
Има и луѓе кои прво гледаат да најдат работа во местото на живеење, да не патуваат, патните трошпоци да ги избегнат, а во помалите градови животот е поедноставен, не е забрзано и стрeсно како во Скопје. Можеби и животот им е поевтин во местото на живеeње, отколку тука да живеат, да плаќаат кирија. Имаме работници кои патуваат во Скопје од Велес, од Куманово и од Штип.
Има и од Тетово, но има и тенденција на враќање. Тоа го гледаме од кандидатите кои ги интервјуираме. Младите најчесто патуваат, а постарите не се расположени за патуваат во соседен град за работа“, вели Јулијана Миновска од агенцијата за посредување при вработување Д Хедхантер од Скопје.
Луѓето кои живеат во внатрешноста објаснуваат дека само поради висока плата и добри услови за работа кои ги немаат во родното место би оделе во Скопје, а во спротивно би прифатиле да работат во својот град.
„Не е голема разликата во платите за да се губат 3 часа дневно да се патува во Скопје. Ако некој има висока плата, треба да се нафати да оди на работа во Скопје, инаку за ниска плата не вреди. При чување на деца се јавуваат проблеми ако родителот патува на работа во друг град. Мислам дека помладите се тие кои најчесто патуваат. Одат со автобус, воз, со автомобили се групираат, кој како ќе се снајде“, објаснува велешанец.
Во сите категории поголем е бројот на мажите во однос на жените. Поголем број мажи од жени работат во странство, а истото важи и за работата во своето место на живеење или во друг град.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата