logo
logo
logo

ДЕСЕТ МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА 2.000 ЕВРА МИТО за службеничката која посредувала за доделување ИПАРД средства

Vecer | 05.05.2026

ДЕСЕТ МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА 2.000 ЕВРА МИТО за службеничката која посредувала за доделување ИПАРД средства

Десет месеци затвор доби Јасмина Костадинова, вработена во министерството за земјоделство, за примање мито од 2.000 евра во случајот со апсењето на директорот на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството, Илија Стоилев.

Таа на последното рочиште призна вина за примање мито за посредување за фирма да добие пари од ИПАРД програмата.

Во отслужување на казната на Костадинова, која се бранеше од домашен притвор, ќе ѝ биде засметан и периодот од 5 ноември во 2025 година. Костадинова се согласи да остане во домашен притвор и судот ѝ ја продолжи мерката.

Нејзиното барање за поврат на 6.000 евра е одбиено и со одлука на судот ќе ѝ бидат конфискувани сите 8.000 евра што беа запленети при претресот на полицијата. Процесот за останатите продолжува на 11 мај.

„Улогата ѝ била клучна во министерството за да може да се изврши и поткопа доверба во администрацијата. Злоупотребата на фондовите може да има далекусежни последици, а блокирани беа парите за земјоделците“, рече судијката Ленка Давиткова при изрекување на пресудата.

Во случајот е обвинет и поранешниот директор на Агенција за финансиска поддршка Илија Стоилев. Првообвинет е Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски, како директор на фирмата „Сигнас-Арго“ од струшко Велешта. Се товари дека им дал 5.000 евра на тројца луѓе да влијаат на Стоилев кој требало да добие 50.000 евра за да стави потпис на проектот на фирмата за да добие пари од ИПАРД 3 програмата. Полицијата, според обвинението, го фатила Стоилев со првите 400 евра дадени на рака.

По случајот, Европската комисија ја стопираше исплатата на 2,9 милиони евра од ИПАРД кои требаше да легнат на сметката на државата до крајот на јануари годинава. Министерството за земјоделство минатата недела информираше дека парите се одблокирани.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk