Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека Владата со намалувањето на ДДВ и акцизите ги ограничила цените на горивата, кои, според неговите податоци, се најниски во регионот.
Тој најави дека очекува да бидат демантирани и тврдењата на опозицијата за претстојно поскапување на електричната енергија.
Мицкоски посочи дека литар дизел во Македонија чини 99 денари, додека во Хрватска е 116, во БиХ и Словенија 119, во Црна Гора 122, во Србија 124, во Грција 129 и во Албанија 145 денари. Кај бензинот со 95 октани, цената во Македонија е 91 денар, наспроти 104 денари во Хрватска, 106 во Словенија и БиХ, 109 во Србија, 113 во Црна Гора, 117 во Албанија и 131 денар во Грција.
Премиерот оцени дека споредбите на куповната моќ со Германија се политички манипулативни и рече дека, според неговата анализа, денес со просечната плата во Македонија може да се купи повеќе дизел отколку пред енергетската криза. Тој нагласи дека Владата го намалила ДДВ за дизелот од 18 на 10 проценти и интервенирала и преку акцизите.
Според Мицкоски, вториот ребаланс на Буџетот е неопходен поради последиците од мерките и вториот бран на енергетската криза. Тој процени дека намалените приходи изнесуваат околу пет до шест милијарди денари, односно приближно 100 милиони евра. Додаде дека без владините интервенции дизелот би чинел над 110 денари, а бензинот со 95 октани околу 110 денари за литар.
Во однос на електричната енергија, Мицкоски ги отфрли најавите за поскапување и рече дека конечниот одговор ќе го даде Регулаторната комисија за енергетика во декември. Според него, во периодот од 2018 до 2023 година цената на струјата се зголемила за 35 проценти, додека од 2024 до 2026 година нема зголемување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата