МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ ПРВ ДРЖАВЕН ПОДАТОЧЕН ЦЕНТАР – Николоски најави дигитализација на сообраќајот и примена на вештачка интелигенција

Vecer | 18.11.2026

МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ ПРВ ДРЖАВЕН ПОДАТОЧЕН ЦЕНТАР – Николоски најави дигитализација на сообраќајот и примена на вештачка интелигенција
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Изградбата на првиот државен национален податочен центар, како и создавањето услови за привлекување приватни инвестиции во оваа област, се меѓу приоритетите на Владата во дигиталниот развој. Ова го истакна вицепремиерот Александар Николоски на 21. годишна конференција на МАСИТ, посочувајќи дека вештачката интелигенција е можност што државата треба да ја искористи.

Николоски нагласи дека Владата работи на создавање правна и административна рамка за поширока примена на напредните технологии, во согласност со целите утврдени во Стратегијата за развој на ИКТ „SMART MK 2030“.

Тој посочи дека законските измени во областа на урбанистичкото планирање и градењето овозможуваат развој на податочни центри, оценувајќи дека инвестициите во оваа инфраструктура и во вештачката интелигенција се важни двигатели на економскиот раст.

Според Николоски, Владата веќе ги донела клучните одлуки за изградба на првиот државен национален податочен центар, а надлежните министерства работат на урбанизација на просторот и завршување на правната рамка. Тој изрази надеж дека проектот наскоро ќе премине во инвестициска фаза, што би претставувало поттик и за приватни вложувања во оваа област.

Во делот на транспортот, Николоски информираше дека се работи на воведување интелигентен транспортен систем во патниот сообраќај, а се разгледуваат можности за негова примена и во железницата.

Пет закони поврзани со интелигентниот транспортен систем во патниот сообраќај се во завршна фаза на консултации со Брисел. Николоски очекува системот да биде воведен на Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, до крајот на следната година или почетокот на 2028 година, по што би започнале активностите за Коридорот 8.

За железничкиот сообраќај, пет закони од истиот пакет се објавени на системот ЕНЕР за јавна консултација. Вицепремиерот најави дека, по нивното усвојување, би можело да се отвори прашањето за воведување интелигентни транспортни системи и во железницата.

Тој додаде дека при планирањето на брзата пруга на Коридорот 10, определбата е да се примени најсовремениот систем ЕМТЦ С2, со цел да се обезбеди највисоко ниво на безбедност и да се намали влијанието на човечкиот фактор при управувањето со возовите.

Меѓу проектите на кои се работи се и воведувањето на Националниот едношалтерски систем и нов систем за дигитализација на патната такса.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk