КОЈ ЌЕ ЈА КОРИСТИ ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ НАПРЕДУВА, ОСТАНАТИТЕ ЌЕ СТАГНИРААТ – Андоновски предупредува дека Македонија мора да го фати чекорот

Vecer | 18.11.2026

КОЈ ЌЕ ЈА КОРИСТИ ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ НАПРЕДУВА, ОСТАНАТИТЕ ЌЕ СТАГНИРААТ – Андоновски предупредува дека Македонија мора да го фати чекорот
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Прашањето и за бизнис секторот и за државата ќе биде: оние коишто ќе ја употребуваат вештачката интелигенција ќе може да се надеваат на забрзан напредок, додека оние коишто нема да знаат и нема да можат да ја користат вештачката интелигенција ќе бидат заглавени без напредок или во стагнација – изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски пред почетокот на конференцијата на МАСИТ „Употребата на вештачката интелигенција како агент“.

– Сакам да потенцирам дека како Влада продолжуваме да ја поддржуваме ИКТ индустријата во државата. Два големи проекти коишто ги реализираме, „Дигит Мак“ и „Инофејт ЕДИХ“, значат директна поддршка на малите и средните компании преку дигиталната трансформација. За таа да се случи, им се потребни домашните, македонските ИТ компании што се тука на пазарот, членки на МАСИТ, но и надвор од Комората, така што и во периодот којшто следи ќе поддржуваме проекти што значат дигитална трансформација на бизнисите или на обука, употреба на вештачката интелигенција, затоа што мораме да го фатиме приклучокот – изјави Андоновски.

Во однос на употребата на вештачката интелигенција во институциите, тој кажа дека како и за сите државни институции во регионот и во Европа, ова е нов феномен и за државните институции во Македонија.

– Затоа и ја почнавме „Везилка“, проект од над 5,5 милиони евра, со којшто работиме во пет сектори коишто ја зафаќаат и јавната администрација. Тоа значи градење на голем јазичен модел на македонски јазик и потоа негова имплементација во јавниот сектор. Прво преку обуки да бидат подготвени вработените во јавниот сектор за примена на овие алатки, а потоа преку практични примери употреба на алатки за вештачка интелигенција и на нив да базираме определени системи. Прв таков меморандум веќе потпишавме во Собранието, исто така и во Министерството за образование, имаме еден проект кај нас што ќе започне, исто така потпишавме и меморандум, што значи дека полека ќе започне да се користи – рече Андоновски.

Министерот нагласи дека клучот ќе биде институциите побрзо, исто така и малите и средни претпријатија побрзо да прифаќаат употреба на вештачката интелигенција за да ги забрзаат процесите, да си помогнат во сопствениот раст, а јавната администрација побрзо да испорачува услуги за граѓаните.

На прашањето колку Македонија заостанува во однос на вештачката интелигенција со европските земји, Андоновски рече дека ние имаме еден крупен недостаток на којшто работиме целиот изминат период, тоа е непостоењето на големи податочни центри коишто таа вештачка интелигенција ќе ја процесираат тука во Македонија.

– Предолго време се залажуваме дека со употреба на туѓи податочни центри, туѓи системи и туѓи агенти ќе успееме да развиваме македонски развој. И тоа не се случува затоа што македонскиот јазик е мал, немаме голем јазичен модел на македонски јазик затоа што нема каде да се изгради. И тука ќе биде клучната разлика којашто се обидуваме да ја направиме: привлекување на инвестиции во центри за податоци, изградба на Националниот центар за податоци и на тој начин инфраструктурно да се приближиме на Европската Унија – истакна Андоновски.

Нагласи дека во однос на талентот, вештините и знаењата, тука воопшто не заостануваме како држава и оти сме на исклучително квалитетно ниво што ги покажуваат и резултатите на македонските ИТ компании.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk