31-годишна жена од Скопје пријавила дека подолг период била жртва на закани и следење од нејзиниот поранешен партнер, кој, според пријавата, дури поставил и уред за следење на нејзиниот автомобил.
Како што соопшти полицијата, жената на 5 март го пријавила случајот, наведувајќи дека нејзиниот поранешен партнер З.А. од гостиварско во текот на 2025 година ѝ испраќал закани преку мобилен телефон и преку апликација на социјална мрежа.
Според нејзината изјава, освен заканите, мажот ја следел и ја вознемирувал, а во еден момент било оштетено и нејзиното патничко возило.
Жената пријавила и дека на нејзиниот автомобил бил поставен уред за следење, со кој осомничениот можел да ја следи нејзината локација.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата