Два клучни процеси ја донесоа неправдата во Македонија – прво, резиборот на судии во 1996 година за заштита на приватизацијата на компаниите со општествен капитал и се што следеше потоа, и вториот – бруталната измена на Кривичниот закон во 2023 година со која се амнестираа високите случаи на криминал и корупција на претходната влада и лица кои требаше да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ. Специјалното јавно обвинителство беше АНТИУСТАВЕН ИМПЛАНТ, што секој просечен правник во државата го знае. А политичка е одговорноста зошто се трошеа државни и народни пари за таков имплант. Домашната задача ќе биде завршена согласно барањата од ЕК, но да остане запишано, да не биде некажано, сакам да предупредам - кога ќе ги донесеме сите овие измени, тоа не значи дека по тие закони ќе ги гониме оние од владата на СДСМ и ДУИ, вели во разговорот за Вечер.мк премиерот Христијан Мицкоски.
ИВОНА Талевска
Се навршија година и пол од почетокот на вашиот премиерски мандат. Можете ли да кажете што, според вас, не очекувавте да се случи во овие година и пол, а се случи, и што очекувавте, но не се реализираше во меѓувреме?
- Ќе почнам од крајот на прашањето. Мислам дека немаше нешто што планиравме, очекувавме да го направиме, а не го направивме. Мислам дека направивме и повеќе од тоа што очекувавме. Иако сега ова можеби ќе звучи малку претенциозно и некој што ќе го гледа интервјуто ќе рече „види го овој, претерува, воопшто не е скромен“, јас ова скромно го кажувам затоа што навистина направивме многу работи изминативе година и половина кои не планиравме да ги направиме, но поради итноста на состојбите носевме одлуки што мораше да решат работи и проблеми и тие работи мораше да ги направиме порано од тоа што очекувавме.
Така што од тој аспект јас ценам дека комплетно сите цели во овие година и половина што ги зацртавме се остварени и повеќе од тоа. Повторно ќе кажам, не затоа што таков беше планот, туку едноставно реалноста беше таква и некои од тие чекори и одлуки беа изнудени поради состојбата во која се наоѓавме во овие година и половина.
А од аспектот на изненадувања, ако ми верувате, и после година и половина јас сè уште имам непријатни изненадувања кои не сум ги очекувал. Секој ден излегува некое ново непријатно изненадување кое е последица, би рекол, во најголем дел од седумгодишното управување со владата на СДСМ и ДУИ, но исто така има и објективни, во помал број, изненадувања кои не сум ги очекувал.
Но најголемиот број непријатни изненадувања или работи кои не сум ги очекувал се навистина од тоа време.
И затоа во една прилика, помалку лут, иако во политиката емоциите не се дозволени, кажав дека ние сме имале работа со потпросечни политички медиокритети, алчни за власт и материјални добра и комплетно државотворно исплакнати, кои апсолутно ништо не ги интересирало, и во тој процес правеле многу грешки. За дел биле свесни и намерно ги правеле, за дел биле несвесни, но сепак ги правеле.
Така што навистина во овие година и половина можам да кажам, еве гордо, дека сите цели кои ги имавме како влада ги реализиравме и, поради изнудените чекори што мораше да ги правиме, направивме и многу работи кои не ги планиравме дека ќе ги завршиме во овие година и половина.
Да одиме со најважните теми за граѓаните: борбата против корупцијата, зголемувањето на платите и пензиите, подобро здравство, школство односно унапредување на образованието, инфраструктурните проекти, финансиската стабилност на државата и нашите евроинтеграции — шест теми по важност за граѓаните. Рековте дека за дел од работите сте изненадени, а дека поголем дел од работите што сте ги направиле се направени и пред рокот, но борбата против корупцијата — како сте задоволни од неа, во јавноста оценката за работата на правосудниот систем сè уште е два проценти, можеби и пониска од два проценти; дали борбата против корупцијата е една од темите за кои не сте задоволни во изминатите година и пол, со оглед дека нивното неработење може да ја чини владата и може да го чини и ВМРО-ДПМНЕ гласачи?
- Апсолутно да, и во право сте со констатацијата дека граѓаните немаат разбирање кога станува збор за борбата против криминалот и корупцијата. Со одговорот кој оваа влада можеби го дава во своите аргументирани позиции е дека обвинителите и судиите се наследство на претходната влада и логично е зошто луѓето така размислуваат, бидејќи сè уште постои оној стереотип дека владата, ако сака, може преку ноќ да ги промени судиите и обвинителите. Тој стереотип што има поткрепа во однесувањето на многу влади во минатото.
Ние свесни бевме за сето тоа и бевме свесни дека граѓаните можеби повеќе очекуваат визибилност во борбата против криминалот и корупцијата од страна на владата, затоа што ние сме само дел од таа борба, не сме сè, и тоа мора граѓаните да го знаат.
Ние можеме да отпочнеме истрага, да ја водиме и потоа да ја доставиме до обвинителството; обвинителството е втората страна која ја прифаќа истрагата и доказите и отпочнува судски процес или не, а судот е тој што го дозволува или не го дозволува почетокот на судскиот процес.
Ние како влада можеме да направиме истрага, да ги прибавиме сите докази и да доставиме до обвинителството, обвинителството цени и ако оцени дека има доволно докази за отпочнување судски процес доставува до судот, а потоа судот оценува дали навистина имаме случај или немаме, така што тоа е трослојно ниво на одговорност: истражните и владините органи, обвинителството и судовите.
Сè ова делува комплицирано, логично е да има еден заеднички именител, а тоа се стереотипите од минатото и оправданото негодување на граѓаните дека можеби недостасува доволно жесток интензитет во борбата против криминалот и корупцијата од страна на владата, иако владата е еден од трите степени на одлучување дали криминалот и корупцијата ќе бидат гонети или не.
Второ, многу важно е што ние не сакавме да бидеме како дел од минатите влади, односно да се однесуваме насилнички и да менуваме обвинители, туку да му дадеме шанса на државниот јавен обвинител да се „размавне“ и да покаже што знае, и еве после година и половина конечно отпочнуваме процес во кој стариот државен јавен обвинител, избран од мнозинството избран од СДСМ и ДУИ, заминува во минатото и е распишан конкурс за избор на нов државен јавен обвинител. Ги охрабрувам сите кои согласно закон исполнуваат услови да се пријават и очекувам да биде избран најдобриот, кој навистина ќе биде дел од овој трослоен систем на гонење на криминалот и корупцијата.
И трета работа што е многу важна. Во минатото граѓаните беа сведоци на голем број полициски акции проследени во медиуми со многу естрада, галама и спектакуларни упади во домови и трговски објекти, а ние сакавме да бидеме антипод на таквиот начин на дејствување.
Зошто?

- Можеби тука направивме грешка, но сè уште не мислам дека сме погрешиле, бидејќи цениме дека борбата против криминалот и корупцијата треба да биде суштинска, но за жал политиката е најмногу перцепција, многу малку суштина, и перцепцијата е поинаква од суштината.
Иако, ако влезете во суштината, ќе видите дека голем број сторители за кои постои основано сомневање дека сториле висок криминал, а биле порано високи припадници на владини структури, органи или институции се дел од тие процеси - дел се во бегство, дел завршија во притвор, отпочнати се нивните судски процеси, за дел допрва се очекува исход дали ќе почнат или нема да почнат, а дел сè уште се наоѓаат во притвор, така што...тука можеби требаше повеќе да поработиме во делот на перцепцијата, но јас сум подготвен таа вина лично да ја носам, затоа што мислам дека треба повеќе да зборуваме за успесите и убавите работи, а многу помалку за лошите работи и црнилата кои се рецидив на минатото, при што тоа минато не го ограничувам само на година или две, туку на децении.
Не стравувате дека се остава простор за политичко одлучување на судовите кога станува збор за случаи на висока корупција? Знаете дека во не така дамнешно минато пресудите се пишуваа на улица и во медиуми, токму поради спектакуларните апсења и притисокот од јавноста врз правосудниот систем. Тука се создаде и еден дисбаланс, бидејќи членовите и симпатизерите на десницата и ВМРО-ДПМНЕ почесто се изложени на јавен линч и осуда, додека симпатизерите или членовите на владините институции од СДСМ и ДУИ се поштедени од сето тоа.
- Не можам да кажам дека не се создава тој впечаток. Можам да се согласам со вас дека во одредена структура во општеството се создава таков впечаток, дека постои кај дел од јавноста, но суштината е сосема спротивна.
Ние не треба да правиме притисок, ниту јавен линч, ниту притисок од улица, се согласувам со вас дека тоа е нешто што беше пракса во минатото и што јас сметам дека е погрешно. Се сеќавате на спектакуларните ветувања со бројчаникот на Триумфалната капија, која остана бојадисана сè до изборот на новиот градоначалник на Скопје, кој ја исчисти од нередот што го оставаа таканаречените шарени револуционери, уништувајќи државен имот и барајќи правда, а во суштина беа главни генератори на неправда.
Не мислам дека тоа е правилен начин на управување со државата од владата, ниту начин на инспирирање на граѓаните за јавен линч и улично носење пресуди.
Бидејќи доколку се организира таква хајка и хистерија, тоа сигурно би влијаело врз одлуките на обвинителите и судиите, како што беше случај во минатото, како се однесуваа обвинители и судии особено во процесите против поранешни високи функционери и активисти, членови и симпатизери на тогашната и денеска владеачка ВМРО-ДПМНЕ. Свесен сум дека тоа чувство постои и дека опасноста е реална, суштината ја знам, но не мислам дека создавање хистерија, јавен линч и улични пресуди е формула за подобро судство или обвинителство.
Во Македонското правосудство, правосудниот систем ќе остане запаметен по два историски моменти кои имаат последици до денес денес и најверојатно ќе имаат последици и во иднина.
Првиот е генералниот реизбор на судии во 1996 година, кога се избраа неколку стотици судии во парламент, кога тогашната опозиција беше вонпарламентарна опозиција, и вториот е носењето на измените на Кривичниот законик од страна на владата СДСМ и ДУИ, направени на брутален и недемократски начин со злоупотреба на европското знаме.
Тоа се двата сегменти од независна Македонија кои влијаеа негативно и брутално нанесоа сериозни удари врз правдата и правосудниот систем во Македонија. Со овие два сегменти многу работи излегоа надвор од нормалата.
Да бидеме објективни, да се вратиме наназад ќе видиме дека и двата процеси беа политички одлуки за политичка корист, тука е нанесен ударот врз правдата во Македонија.
Со првиот се зацементираа одредени транзициски неправди и начинот на кој се трансформираше општествениот во приватен капитал, се сеќавате дека имаше многу афери во тој период, но и истовремено да бидат штитот за неки идни времиња. Тоа е НЗС за овие два суштински процеси кои директно удрија во правдата и правосудниот систем во државата.
И вториот од една страна, кога се менуваше Кривичниот Законик оној фамозен член 353, и не само тој член, суштински се менуваа и други делови од КЗ за две цели - за обезбеди политичка амнестија за тогашната актуелна влада и второ за да се обезбеди некаква политичка амнестија на некои актери за кои тие проценија дека можат да нанесат штета на тогашната опозиција која ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ.
Така што овие два процеси се суштински кога станува збор за правосудството и правдата во Македонија. Посебно во вториот случај, јас бев изненаден од громогласната тишина што доаѓаше од дипломатско-конзуларните претставништва на дел од земјите членки на Европската Унија во Скопје.
Каде тука го гледате СЈО и поранешните специјални обвинители, заради кои кривичната пријава за незаконската поделба на хонорари во износ од над еден милион евра сè уште стои во фиока на обвинителството? Сметате дека формирањето на СЈО беше уште еден клучен удар врз правосудниот систем?
- Специјалното јавно обвинителство не би го ставил на исто ниво со двата случаи за кои претходно говорев, бидејќи тоа е ИМПЛАНТ, тоа е АНТИУСТАВЕН ИМПЛАНТ, што секој просечен правник во државата го знае. А политичка е одговорноста зошто се трошеа државни и народни пари за таков имплант. Тоа е политичка одговорност на тогашните релевантни политички чинители, а ние времето не можеме го вратиме назад.
Од друга страна, лична е одговорноста на чинителите во СЈО, во тој имплант како ги трошеле парите, бидејќи најголем дел од нив беа пари на македонските даночни обврзници, имаше подршка од надвор и донации, но немилосреден е фактот дека најголемиот дел од парите трошени и за хонорари беа пари на македонските даночни обврзници.
Токму затоа како опозиција поднесовме кривични пријави до тогашното јавно обвинителство, при што не може да се заборави и незаконското пренесување на ингеренции од затвор од страна на тогашната специјална јавна обвинителка кон другите обвинители, за што и денес се води судски процес против најголемата политичка партија во државата ВМРО-ДПМНЕ, ние сè уште имаме замрзнат имот.

Од новиот државен јавен обвинител очекувате да го реши овој канцер во обвинителството како што го нарекуваат правниците, а тоа се 10-те поранешни специјални обвинители?
- Од новиот државен јавен обвинител очекувам немилосрдно да застане на страната на правдата, бидејќи само така сите кои работеле спротивно на закон ќе бидат санкционирани, имајќи предвид дека борбата против криминалот и корупцијата е тростепен процес кој вклучува истрага, обвинителен акт и судска постапка, при што обвинителот е само врската меѓу истрагата и судскиот процес. Тој треба да го избруси сето тоа и да види дали судиите ќе го прифатат и ќе отпочнат судски процес, бидејќи судиите прават оценка на обвинителниот акт.
Накусо да прокоментираме, очекувате со новиот Закон за судски совет кој помина во Собрание и за обвинителство кој помина на Влада, дека навистина ќе се реформираат овие институции и ќе има понезависно и професионално работење?
- Тие два закона, законите за Судски совет и за обвинителство ги поминаа филтрите на Венецијанската комисија, а законот за судски совет го помина филтерот и на Европската комисија, а законот за обвинителство ги вклучува и оние делови кои Европската комисија (ЕК) ги побара од нас.
Така што ние постапуваме соодветно на барањата и потребите кои ни ги стави на маса ЕК. Сега имавме извештај кој велеше дека застаната е борбата со криминалот и корупцијата, зошто, затоа што не се носеле закони. Добро, ајде еве ќе ги донесеме законите.
Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик.
Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи они веќе ги осудија луѓево - да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротиставени странки во процесот...
Клиентелистичко-политички..
- Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип на медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа. Ние велиме вака, ајде сега да направиме компаративна анализа, бидејќи секогаш им велам на соработниците – пред да донесеме одлука, дајте да имаме аргументи на што ќе ја темелиме таа одлука и да направиме една компаративна анализа.
И направивме компаративна анализа со земји членки на ЕУ – Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Франција, мислам дека од земји кои не се членки на ЕУ беа Србија и Швајцарија и направивме поширок опфат и донесовме одлука која можеме да ја браниме со аргументи.
Затоа што ако кај нас, да речеме, условно кажано за голема штета на буџетот која се мери со повеќе од 200 просечни плати имаме запретена казна од 4 до 10 години, тоа е да речеме повеќе од Словенија, од Германија, Швајцарија, исто е колку Србија, повеќе од Италија итн. Секогаш кога влегувате во еден процес морате да антиципирате можни прашања и на тоа да обезбедите аргументи, затоа што утре кога ќе почне јавната дебата, вие мора да сте подготвени.
Така што, еве, ако е борбата против криминалот и корупцијата да се донесат измени во Кривичен Законик, тогаш тоа го направивме.
Второ, ако е борбата и посилен правосуден систем новиот закон за судски совет – еве и тоа го донесовме. Советот на јавни обвинители – еве и тоа ќе го донесеме. Се што се бара од нас да го завршиме како домашна задача, ние ќе го завршиме. И во животот сум генерално навикнат да се борам да бидам најдобар, вкилучително и во одделението. Така прифатија да работат и луѓето во владата и институциите и ние ќе бидеме најдобри во одделението.
Но, сакам да предупредам на една работа. Кога ќе ги донесеме сите овие измени, тоа не значи дека по тие закони ќе ги гониме оние од владата на СДСМ и ДУИ.
Зошто?
- Затоа што тие секогаш во судскиот процес ќе се повикуваат на законот кој е поповолен за нив. Повторно сакам пред граѓаните да кажам дека, ова што го носиме – го носиме за нас. За нас да не судат утре. За оваа влада да ја судат. Не за претходната. Еве гледате ние во каква улога свесно влегуваме.
Тоа е истото што го разговаравме и пред малку, кога реков дека секогаш постои ризикот десницата да биде осудувана за сметка на социјалдемократите и левицата, кои и историски поминуваат поповолно од десницата...
- Нека остане запишано, да не биде некажано. Ќе помине оваа влада еден, два, три мандати и ќе дојде некоја друга влада, а овие закони што денес ги носиме, не ги носиме за да гониме висока корупција на претходната влада, тие си се амнестираа со измените во Кривичниот законик. Ги носиме за да не гонат нас тие што некогаш ќе дојдат и кои за жал не размислуваат вака, затоа што во нивната матрица ментална е нешто друго, затоа јас ги нареков потпросечни политички медиокритети, алчни за власт и материјални добра.
Свесни сте дека јавноста очекуваше досега да биде уапсен некој од семејството Заеви?

- Апсолутно сум свесен и тоа го слушам.
Тоа да го оставиме на нефункционирањето на досегашниот обвинител?
- Тоа не можеме да го оставиме само на нефункционирањето на досегашниот обвинител, туку и на сето она што го донесоа како измени под превезот на европското знаме. Инаку апсолутно ги охрабрувам сите институции во државата, без разлика дали е семејството Заеви, Мицковски или било кој друг, ако се огрешил пред законот да одговара. Тука сакам да бидам јасен, никој не е заштитен, и за да не бидам погрешно сфатен ќе зборувам за моето семејство - ако било кој од моето семејство, вклучително и јас, се огреши пред законот да биде казнет, затоа што чесното и одговорното работење за мене е највисок патриотски чин во 21 век. Не постои посилен и поостар камен во чевелот на една нација од корумпиран водач на таа нација. Ако водачот е корумпиран тогаш нацијата е во голема опасност, бидејќи секој може да го манипулира и навигира и секогаш да се повикува на таа корупција.
Затоа многу внимателно ги испраќам пораките и во јавноста и до соработниците – не постои поболна и поголема Ахилова пета од корупцијата и тогаш вие не сте вие туку сте некој друг, а кога ја имате одговорност да сте овде и да сте прв меѓу еднаквите и водите нација мора да сте свесни дека вашата слабост ќе се рефлектира во одлуки што можат да бидат штетни за народот. Е сега, вратете се назад – какви се одлуки носеше претходната коалиција и какви импликации имаше тоа врз нацијата и државата.
Додека ние работиме за време на новогодишните празници, додека разговараме, знаете дека Зоран Заев заедно со Венко Филипче и Колашинац од „Зобек Мајнинг“ скијаат во Германија?
- Јас не завидувам на таквото однесување...
Не заради завидување, туку заради фактот дека токму со „Зобек Мајнинг“ и фамилијата беа објавувани најголемите криминални афери поврзани со РЕК Битола?
- Да, за тоа постојат истраги, дел се процесирани, дел се во фаза на истрага, дел се во обвинителство, за дел е покренато обвинение, за дел претпоставувам се анализира. Но верувајте дека кога се занимавате со политика и кога сте јавна личност и особено во висока политика, вие и вашето семејство немате право на приватен живот.
Посебно кога ја водите владата на еден од најсиромашните народи во Европа, и сте премиер во влада во една од најсиромашните држави во Европа – вие не можете да се однесувате како селебрити, непристојно е да ве гледаат по алпски ресорти, плажи на Арапскиот Полуостров, а вашиот имот да се брои во десетици или стотици милиони евра, тоа е непристојно однесување. И секој што така се однесува, без разлика од која страна е, плука директно во лице на граѓаните, нема морални квалитети и порано или подоцна сето тоа ќе му излезе низ нос, затоа што таквото однесување не е добро.
Секој што се занимава со оваа работа, што е на ваква позиција треба да заборави дури и на изговорот „па јас дури и во минатиот живот заработив доволно за да можам сега да си дозволам сè“ – во таа приказна никој нема да ви верува. Вашиот живот мора да биде најмногу просечен и еднаков на просечните во државата во која сте биле премиер или сте извршувале висока државна позиција. Ако просечниот слој во вашето општество не може да си дозволи скијање на Алпите, нема ни вие, ако просечниот слој зимскиот одмор го минува во соседството, Маврово или Попова Шапка, тоа се стандардите и нивото, и секој што мисли дека е холивудска ѕвезда со јахти, големи бизниси, Алпи и егзотични дестинации, порано или подоцна ќе ја плати цената.
Борбата против корупцијата сама по себе треба да создаде владеење на правната држава, а кога имаме владеење на правната држава под дефолт се создава поголема сигурност за социјална и економска заштита и на бизнисите и на граѓаните. Но, деновиве сме сведоци дека Уставниот суд покрена постапка за пензиите, за начинот на кој се исплаќаат покачувањата за пензионерите, со иницијатива да се врати системот по кој покачувањето би било согласно уделот што секој сегашен пензионер го плаќал како придонес во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а не да биде подеднакво за сите пензионери, па кое е ставот на Владата и каков став ќе заземете по ова прашање?
- Ставот на Владата е јасен: нашиот чекор што го направивме можеме да го аргументираме, а потврда дека сме направиле добар чекор се и објавите на Државниот завод за статистика кои деновиве излегуваат и се коментираат во јавноста околу лакенските индикаторите, односно нивото на сиромаштија, џини-индексот, нерамномерната распределба на доходот и така натаму.
Тука имаме добра вест, а тоа е дека се намалува стапката на сиромаштија, да речеме ако во 2021 година била 23%, сега е 21,9 во 2024, а во 2023 била 22,2%. Џини-индексот, односно нееднаквата распределба на приходите, ако бил 30,3 во 2023, во 2024 е 29,1 и е најдобар во регионот, па и кога ја гледаме нееднаквата распределба на доходот дури е над европскиот просек, што повторно ќе кажам можеби на социјалните медиуми оној малоброен дел што го нареков талог на општеството ќе ме исмејува и ќе ме навредува, но тоа е факт и тоа се бројки и тоа е добрата вест.
Но, лошата вест е што во стапката на сиромаштија најзагрозени се токму пензионерите. И во 2024 година е овој индикатор, зголемувањето прво линеарно од 2.500 денари беше во ноември месец, што значи дека има мало или незначително влијание во овој параметар, а во 2025 веќе очекувам точно да се види дека нашата одлука за ваков тип на зголемување на пензијата ќе влијае многу позитивно врз намалувањето на стапката на сиромаштија со акцент на пензионерите и со дополнително намалување на џини-индексот, односно нееднаквата распределба на доходите, што за државата ќе значи многу бидејќи светските агенции го ценат кредитниот рејтинг на државата токму и врз основа на вакви параметри.
Така што мислам дека таа политика си го даде својот резултат и апсолутно стоиме позади исправноста на тие чекори. Постојат структури кои го предизвикаа Уставниот суд и ќе видиме како тоа ќе заврши, а јас не би сакал да ги коментирам одлуките на Уставниот суд.
Исто така има иницијативи пред Уставниот суд и за зголемување на платите на судиите и обвинителите несразмерно во однос на судската и административната служба, поради кратењето на коефициентите што се случи минатата година за 0,5% во однос на претходното 2023 кога имаше 78% покачување на функционерските плати. Што доколку Уставниот суд реши позитивно за овие иницијативи за враќање на големите плати на судиите и обвинителите?
- Во 2023 мислам Уставниот суд ја укина одредбата со која се замрзнаа платите на избраните и именуваните лица. И тогаш тие плати наеднаш пораснаа. Јавноста беше гневна, што е нормално и очекувано. Која е опцијата. Опцијата е или повторно да донесете таква одлука што повторно ќе падне на Уставниот суд или да се обидете преку закон да не го добивате годишното зголемување кое доаѓаше согласно закон и после неколку години таа неправда да биде исправена.
Да бидеме објективни, прво таквото замрзнување, односно намалување на коефициентите го направи владата на Димитар Ковачевски во заминување во 2024 година, бидејќи тоа беше во април за март, практично мартовската плата што се добива во април 2024, а да бидеме уште попрецизни тоа беше техничката влада на Талат Џафери, па дали формално се носеше во времето на Ковачевски или Џафери, но тоа е првото такво замрзнување. Второто е оваа влада што го направи во платата што значеше усогласување на мартовската плата која ја земаат избраните и именувани лица во април 2025. Практично до сега имаме две намалувања, односно две замрзнувања без зголемувања.
Судиите и обвинителите велат дека се погодени, дека ова е неуставна одлука и го дадоа на Уставен суд.
Јас имам свој став, не сум правник ниту експерт по уставно право, тие нека носат одлуки што е уставно а што не, но моралниот дел го кажувам дека ова е морална постапка а колку-толку законита, за после неколку години неправдата што граѓаните ја осудија со зголемување на тие плати да биде исправена, затоа што не постои друг начин.
Не постои начин да речеме утре повторно ги замрзнуваме платите бидејќи истата таа постапка повторно ќе заврши пред Уставен суд и Уставниот суд ќе се повика на веќе донесена одлука или пресудена работа. Друга работа е што Уставниот суд по мене можеби понекогаш станува и законодавец, но нема да коментирам повеќе за да не бидам погрешно сфатен дека правам притисок, бидејќи тоа е последна и конечна одлука.

Да одиме на платите во останатите сектори. Министерката најави дека во март ќе има покачување на платите во образованието, ќе имаме ли и ново покачување на платите во здравствениот систем и инфраструктурни инвестиции во овие два сектора, бидејќи се најважни за секој граѓанин во оваа држава?
- Да, ние зголемувањето на платите во здравството и во образованието го правиме како резултат на договорите што веќе ги имаме потпишано со синдикатите, односно со репрезентативните синдикати, и тоа се договори за период од четири години, конкретно во образованието за 2025, 2026 и 2027, во зависност од капацитетот на буџетот, усогласувањето, односно зголемувањето ќе биде меѓу 7,5% и 10%, а во 2028 меѓу 10% и 12,5%, што е четиригодишен договор потпишан со репрезентативните синдикати.
Слична формула имаме и со репрезентативните синдикати во здравството; ќе потсетам дека оваа година и припадниците на Министерството за внатрешни работи добија зголемување на платите, како и припадниците во Министерството за одбрана, односно во армијата, и така натаму, така што апсолутно се грижиме за стандардот на граѓаните и на вработените во рамките на нашите можности и така ќе продолжиме и во иднина, а го фасилитираме и социјалниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите.
Мислите ли дека ќе се договорат, какво е вашето чувство?
- Јас би сакал да се договорат иако обвинети сме дека ние треба да пресечеме и да донесеме одлука. Ќе споделам дека во минатото се пресекувало и се носеле такви одлуки.
Владата е најголем работодавач, па затоа не обвинуваат и едната и другата страна и ни велат „вие пресечете, вие сте најголем работодавач“, но ние сме најголем работодавач во смисла на 16–17% од вкупниот број вработени, од околу 700–705 илјади вработени, околу 100 илјади се во државата директно или преку институции под владата. Тоа значи дека останатите приходи што би ги остварила државата се многу поголеми и на нас ни одговара како влада, ако гледаме себично, да излеземе со предлог законско решение минималната плата да биде 500 евра, затоа што ако сега на 400 евра придонесите грубо се 50%, ние добиваме 200 евра, а за 500 евра тоа би било 250, што значи по вработен 50 евра повеќе, и тие 50 евра повеќе би ги добивале за околу 605 илјади вработени, што реално ѝ одговара на државата.
Но, што било во минатото - владата интервенирала, а потоа не ги усогласувала платите во институциите со минималната плата, па вработените тужеле, бидејќи колективните договори во одредени институции бараат усогласување со минималната плата,
Има веќе пресуди...
- Повеќе од 100 милиони евра плативме оштети ние како влада во година и половина во неколку институции. Плаќаме големи суми, можеби се 100, можеби 80, но огромни пари плаќаме поради однесувањето на минатата влада.
Тоа е директна штета за буџетот што го полнат даночните обврзници, а нема алатка да се тужат и судат тие раководни органи што ја нанеле штетата, бидејќи покрај основниот долг плаќаме и камати, па ако по основен долг треба да вратиме 100 парички, со камати тоа станува 120 или 130, што е директна штета на буџетот, а не можете да најдете член во законите по кој тие што се однесувале дивјачки и ја злоупотребиле позицијата да одговараат, барем граѓаните да имаат морална сатисфакција.
Но, јас велам: со зголемените приходи ние имаме доволно за да ги зголемиме платите на сите и да ги усогласиме со минималната плата на сите вработени во јавниот сектор и ќе ни останат повеќе пари.
Прашањето е дали бизнисот може да го издржи тоа за да не ни се случи да банкротираат компании и работници да остануваат на улица. Затоа ги оставаме работниците и работодавачите, бидејќи и едните и другите ја знаат реалната состојба и своите капацитети и треба да најдат договор, па ние велиме „повелете, договорете се, што ќе се договорите — ќе поддржиме“.
За странските инвестиции, нешто што е една од успешните политики на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Најавивте диверзификација на инвестициите да не бидат само за ниско квалификувана работна сила и автомобилска индустрија, туку да се оди кон високотехнолошки инвестиции што бараат и високо квалификувана работна сила. Дали мислите дека може да успееме во тој процес ако имаме околу 100 илјади невработени што можат да влезат на пазарот на трудот, а од друга страна има жалби од странските инвеститори дека нема доволно квалификувана работна сила во Македонија?
- Би сакал сега малку пошироко да фатам еден поширок аспект на сето ова што го кажавте, ајде вака да ја анализираме работата — имаме околу 91 илјада невработени и ако направите подетална анализа ќе забележите дека најголемиот дел од нив не се вистински активни баратели на работа, делумно можеби се, 10, 15 или 20 илјади, а останатите се луѓе со блокирани сметки, луѓе што користат бесплатно здравствено осигурување, луѓе кои се дел од сивата економија или се неквалификувани за работа, што е факт.
Дури и во најразвиените општества, ма не во пазарите во развој како што е нашиот, секогаш ќе имате 2, 3 или 4 проценти невработени, па затоа оваа 2026 година, ќе донесеме закон со кој ќе се направи јасен филтер за да утврдиме кои се вистински активни баратели на работа и со што располагаме, а кога ќе се исчисти оваа структура за која зборувавме.
Очекувам стапката на невработеност за прв пат да падне на едноцифрен процент.
Но, и тоа не е доволно затоа што голем дел од квалификуваната работна сила се исели од Македонија. И тука не зборувам само за интелектуалци, доктори на науки, медицина итн, туку и за занаетчии — заварувачи, водоинсталатери, молери, гипс-мајстори – до суперобразовани луѓе, луѓе со солидни и применливи квалификации, структура што се мери во стотици илјади луѓе. Ии сега е моментот да ги вратиме назад затоа што чувствувам дека постои моментум за тоа. Сега ќе ви кажам зошто.
Во Западна Европа тоа посебно е случај, поради ниската стапка на фертилитет, имаше потреба од работна сила за одржување на економскиот раст или малку да го качува. И нормално дека првиот базен за таква квалификувана работна сила беше соседството, Балканот, и ги привлекуваа луѓето, преку саеми и програми „живеј и работи таму“ „студирај и работи таму“ ги привлекуваа луѓето. Додека кај нас луѓето живееја во токсична атмосфера создадена и од дел од политичарите со своето лошо и криминално однесување, па разочарани неможејќи да го издржат притисокот, стануваа жртви на тие кампањи и заминуваа.
Но тоа не беше доволно и Западна Европа почна да населува граѓани од Азија и Африка со сосема поинаква култура и цивилизација, што сега станува проблем и го брендираат како „илегална миграција“ – што не е точно, бидејќи за да го одржат економскиот раст не беше доволен Балканот и земјите од Средноевропските или Источноевропските земји дел од Варшавскиот блок, мораа да привлечат мигранти од Азија и Африка кои со себе донесоа сосема поинаков менталитет, и се фертилно силни, сосема поинаква култура. Нашите тоа го забележуваат и им пречи. И сега е моментумот кога можеме да ги вратиме дома.
Нашите луѓе таму го чувствуваат притисокот и сега е моментот да ги вратиме дома ако им понудиме можности, надеж и ќе го релаксираме општество, за кое ние политичпарите имаме главна улога, во општество ослободено од криминал и корупција, ќе се создаде надеж дека овде може да се успее.
И не е срамота да кажеме дека во третиот квартал македонската економија беше меѓу првите пет во Европа по раст на БДП, иако ме исмејуваат, бидејќи како што вели познатата изрека — прво ќе ве игнорираат, потоа ќе ве исмејуваат, потоа ќе се борат со вас и на крај ќе победите — јас сум подготвен повторно да одам по тој пат, како што беше и во 2018 година во ВМРО-ДПМНЕ, па денеска на друго место го правиме ова интервју.
Ова е начинот, затоа што сега го чувствувам моментумот. Последен пат кога се враќав од Брисел преку Франкфурт за Скопје се изненадив зошто лета голем „Ербас А321“ наместо помалиот „Ербас А319“ со 50-60 места помалку..., и кога разговарав со неколку наши граѓани мислев дека се враќаат поради празниците, но ми рекоа дека се враќаат засекогаш, и тоа го слушам сè почесто — луѓе кои сакаат да се вратат ако како Влада им обезбедиме инвестиции, работни места, дел од нив да имаат можност за сопствен бизнис растеретени од притисокот дека секаде мора да се потплати за да успеат, без поткуп и притисоци, едноставно да обезбедиме надеж.
Затоа што таму тие веќе не се пронаоѓаат ниту ја гледаат таа средина како место каде што треба да растат нивните деца – од една страна левичарско прелиберална, а од друга страна обременета и под притисок од други култури, менгталитети и сентименти кои се мешаат и создаваат притисок врз нив кој не можат да го издржат и убеден сум дека ќе сакаат да се вратат. Убеден сум дека со проактивни политики ќе успееме да ги вратиме.
СДСМ ве обвинува дека како влада, преку Договорот за стратешко парнерство со Велика Британија, Македонија ќе стане центар за азиланти и мигранти под превезот на работна сила. Може ли да го затвориме ова прашање и да не се отвора повеќе?
- Еве веднаш да кажам и да повторам по не знам кој пат. Не само што нема, туку граѓаните можат да бидат спокојни дека додека јас сум претседател на Владата никаков тип на мигранти, илегални, нелегални или неуспешни азиланти, по никаков договор, нема да бидат сместени во Македонија. Така што таа кампања да ја затвориме.
Тоа беше обид на СДСМ да го сврти вниманието од внатрешните проблеми, не знам далио беа свесни или несвесни, на тој начин можеби ја потврдуваат тезата на инспираторот на таа кампања против Македонија.
Не би сакал да одам чекор понатаму бидејќи немам цврсти докази, но имам информации и сомневања дека поединечни политичари од соседството, по потпишувањето на договорот за стратешко пријателство со Велика Британија, ширеа кампања во потесното и поширокото соседство дека ние наводно ќе прифаќаме неуспешни азиланти и нелегални мигранти. Тоа особено го вознемири и мојот пријател Виктор Орбан кој ме праша дали тоа е точно, и јас тоа го демантирав, ме праша уште пред шест-седум месеци.
А кога започна оваа кампања сфатив дека таа не доаѓа директно од СДСМ, тука тие гледаат тесен интерес - „нашиве проблеми ќе ги замачкаме со таа кампања“. Во позадина има друг инспиратор кој го користи СДСМ како прокси за да ни создадат проблеми, при што тој инспиратор ги шири овие конструкции во регионот, во потесниот и поширок регион. Немам докази, затоа нема да излезам со имиња, но имам информации и кога ќе имам цврсти докази ќе излезам и со имиња.
Кога веќе зборуваме за СДСМ, тие деновиве отворија т.н. „бомби“ за наводен криминал и корупција во работењето на владините институции, обвинувајќи за незаконско распишување и извршување на тендери. Како ќе им одговорите?
- Мојот одговор е дека тоа е дел од нивна кампања и резултат на соработка со нова ПР-агенција, при што новата реторика на СДСМ наликува на Левица од Али Експрес. Тие сметаат дека ако користат таков примитивен и ад хоминем пристап со ниски страсти дека ќе привлечат внимание. Но, тие повторно гледаат само до носот, затоа што во позадина стојат структури кои го инспирираат тоа и се повеќе убеден сум дека СДСМ го користат како прокси, дека сакаат најрво да ни нанесат штета нам како на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и на Македонија како држава. Убеден сум дека оваа кампања не е перцепирана од граѓаните како што тие очекуваат, туку е предмет на потсмев.
Како претседател на Македонската асоцијација на новинари МАН, сакам да дадете една оценка за нападите и таргетирањата, како и обидот за создавање атмосфера на јавен линч од СДСМ кон редакциите на Вечер, Курир, Република и колегата Бранко Героски?
- Тоа е најголема осуда. Напад врз новинари не за најголема осуда. Ако ги гледаме објективно фактите, јас досега не знам што требаше да направам, бидејќи одредени новинари секојдневно се занимаваат со мене и моето семејство, па се до одредени портали кои гласат за блиски со сегашната опозиција а тогашна власт на СДСМ сум предмет на навреди и исмејувања. Ниеднаш тужба не сум поднел, а камоли да си дозволам да коментирам. Политички партии кои шират клевети и невистини имам право да тужам, но напад врз новинар од политичар, од политичка личност во најмала рака е непристоен. И тој политичар кој ќе се дрзне на таков напад е апсолутно залутан во професијата и е за најголема осуда.
Моето последно прашање, а одговорот најмногу го очекуваат членовите на Владата. Вие почнавте со реформи во ВМРО-ДПМНЕ и најавивте дека оваа пролет ќе има промени, реконструкција и во владиниот кабинет. Онаму каде има добри резултати – ќе добијат поголема логистика за реализација на проектите, онаму каде има потфрлања – дека ќе има кадровски промени. Она што според граѓаните е највидливо е довербата од над 50% во МВР, потоа во ресорот финансии кој ја стабилизираше финансиската состојба во државата во однос на наплатата на даноците за да се полни буџетот и највидливи се резултатите во ресорот транспорт каде преку големите инфраструктурни проекти веќе имаме видливи резултати на терен. Но, во одредени ресори има недоволни резултати. Може ли да кажете кои се тие ресори?
- Ќе има промена и во одредени ресори и во одредени институции. Сеуште анализирам. Не би можел сега да кажам како, каде и кога, но секако ќе бидат на пролет. Кога се носи таква одлука мора да сте свесен за одлуката, бидејќи многу е важно да се избере замена која ќе ги оправда очекувањата (бидејќи тоа е на половина од мандатот на оваа влада и нема простор за маневар) и второ, со замена со која ќе постои изградена лична доверба. И во случајов, анализирам, има ресори каде чувствувам дека има потфрлања и таму се водат разговори, затоа што не секогаш веднаш треба да се сече, туку да се слушнат аргументите и од другата страна да се види дали може подобро и поефикасно, и убеден сум дека процесот ќе го завршиме успешно оваа пролет и ќе продолжиме да работиме исклучиво во интерес на граѓаните. Имиња засега нема да откривам.
Блиц прашања: Ќе има ли предвремени избори годинава?
– Ако денес треба да носам одлука, не,
Ќе има ли покачување на даноците?
– Не.
Ви благодарам, им ги честитам новогодишните и божикните празници на сите граѓани, нека новата година донесе здравје, успех во работата и љубов, а другото ќе го направиме.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата