Со едногласен избор на Александра Јелиќ за претседател и со избор на координативно тело од 18 членови, синоќа во Скопје беше формиран Клубот на жени на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
На основачката конференција, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, упати повик до жените да се приклучат кон движењето.
– Клубот на жени не го гледаме како формална организациска структура, туку како силен политички двигател, кој ќе даде нова енергија на Движењето и ќе биде глас на жените во општеството – посочи Димитриевски, се наведува во објавата на ЗНАМ на Фејсбук.
Формирањето на клубот е предвидено со акцискиот план на движењето за 2026 година.
– Вратите на ЗНАМ се отворени за секоја жена која има визија, став и храброст да преземе одговорност. Затоа што Македонија не може да оди напред ако половина од нејзиниот потенцијал остане неискористен – порача Димитриевски.

Новоизбраната претседателка Јелиќ е дипломиран професор за предучилишно образование и постдипломец на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Има повеќе од 20 години искуство во воспитанието и во образованието, како и во раководењето со тимови и во реализацијата на домашни и на меѓународни проекти.
– Пред себе гледам жени со огромен потенцијал, кои не сакаат да бидат набљудувачи на иднината, туку нејзини креатори. Верувам дека од овој состав ќе произлезат нови лидерки, нови идеи и нова енергија – истакна Јелиќ.
Според најавите на ЗНАМ, клубот ќе работи на поголемо вклучување на жените во креирањето на политиките и во носењето на одлуките.

– Нашата порака е јасна: не бараме простор за да бидеме слушнати, туку преземаме одговорност за да направиме промена – порача Јелиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата