logo
logo
logo

ФИРМАТА ВСЕЛИЛА СТАНАРИ ВО СКОПСКА ЗГРАДА БЕЗ ИМОТНИ ЛИСТОВИ, се случи пожар...

Vecer | 15.08.2026

ФИРМАТА ВСЕЛИЛА СТАНАРИ ВО СКОПСКА ЗГРАДА БЕЗ ИМОТНИ ЛИСТОВИ, се случи пожар...

Читателка на наѓиот портал Vecer.mk (imeto poznato na redakcijata) ни испрати информација и фотодикументација за пожар во Скопје, Кисела Вода, до зграда без имотни листови што создава дополнителни проблеми. 

“Јас сум еден од станарите на зградата на улица „Иван Козарев“ бр. 6 во Кисела Вода. Во оваа зграда живееме, плаќаме сметки, ги воспитуваме нашите деца и секојдневно се соочуваме со проблеми за кои со години бараме решение.

Зградата започна да се гради во април 2021 година, а според договорот требаше да биде завршена за 22 месеци, односно до февруари 2023 година. Денес сме повеќе од три години подоцна, а објектот сè уште нема завршен технички прием и ние како станари сè уште чекаме да ги добиеме имотните листови.

Инвеститори на зградата се ДПТУ „Боминг, Оливер и други експорт-импорт“ и „Техногруп ДООЕЛ Скопје“.

Некои од нас почнаа да се вселуваат во 2024 година со дозвола од инвеститорот, иако статусот на објектот остана нерешен. За нас ова веќе не е само административен проблем. Ова е прашање на безбедност.

Во зградата нема хидранти, паркингот не е ставен во употреба, а пристапот до задниот дел од објектот, кој според проектот требало да биде наменет за заедничко домување, е сериозен проблем.

Тоа особено го почувствувавме кога избувна пожар во задниот дел од зградата. Пожарникарите не можеа нормално да пристапат до тој простор, па мораа да влезат преку дворот на соседите, кои им овозможија пристап.

За среќа, пожарот беше изгаснат. Но, јас како станар не можам да не се прашувам: што ќе се случеше ако пожарот беше поголем? Што ако наместо градежен шут беше зафатен стан? Што ако во тој момент имаше човек чиј живот зависеше од тоа дали противпожарното возило може навреме да стигне до зградата?

Според проектот, зад зградата требало да постои премин преку кој би се обезбедил пристап до тој дел. Наместо тоа, на местото каде што требало да има пристап е изграден стан. За овој проблем повеќепати сме ги информирале надлежните во Општина Кисела Вода, но решение сè уште нема.

Имаме и други проблеми. Влезот нема соодветна безбедносна врата, туку обична врата што самите станари ја заклучуваат. Во неколку наврати, особено во вечерните часови, сме забележале сомнителни лица во скалишниот простор. Сето ова дополнително создава чувство на несигурност.

Ние не бараме ништо повеќе од тоа што секој граѓанин го заслужува – безбедна зграда, законски регулиран објект и јасен одговор од институциите.

Повеќе од три години чекаме техничкиот прием да биде завршен и да ги добиеме имотните листови. Во меѓувреме живееме во зграда за која имаме сериозни прашања околу безбедноста и функционалноста.

Не сакаме да чекаме да се случи трагедија за некој конечно да реагира.

Вчера гореше градежен шут. Следниот пат може да гори нешто многу посериозно. А тогаш можеби нема да зборуваме само за материјална штета, туку за човечки животи.

Затоа бараме надлежните институции итно да извршат инспекциски надзор, да ја проверат безбедноста на објектот, пристапот за противпожарните служби и причините поради кои техничкиот прием повеќе од три години не е завршен.

Ние живееме овде. Ние сме тие што ќе бидат во зградата ако се случи нешто. Не сакаме да бидеме уште еден случај каде што институциите реагираат дури откако ќе биде предоцна.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk