logo
logo
logo

ВМРО-ДПМНЕ: СЕ СТАБИЛИЗИРА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ СО НОВИ УЧЕБНИЦИ, ИНВЕСТИЦИИ И ПОВИСОКИ ПЛАТИ

Vecer | 18.07.2026

ВМРО-ДПМНЕ: СЕ СТАБИЛИЗИРА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ СО НОВИ УЧЕБНИЦИ, ИНВЕСТИЦИИ И ПОВИСОКИ ПЛАТИ

По седум години без учебници по странски јазици и со чести проблеми во наставниот процес, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека образованието повторно е еден од државните приоритети. Според соопштението, учениците веќе втора година по ред ги добиваат учебниците уште на првиот училиштен ден, а наставниците имаат предвидлив систем за раст на платите и можност за кариерен напредок.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во училиштата се испорачани над еден милион примероци учебници, а со набавките во последните две години се заштедени околу 45 милиони денари. Како една од клучните промени ја посочуваат и повторната набавка на учебници по странски јазици, кои, како што наведуваат, недостасувале во претходниот период.

Во делот на платите, оттаму потсетуваат дека со спогодбата со СОНК е договорено зголемување на примањата во следните четири години, зависно од инфлацијата, при што се предвидува раст од 40 до 60 проценти. Според нивните податоци, во првите две години платите на вработените во образованието веќе се зголемиле за повеќе од 20 проценти.

„Наставниците добија предвидливост и редовно покачување на платите, додека учениците стабилен наставен процес со учебници по сите предмети во своите раце“, се наведува во соопштението.

Паралелно со тоа, над 160 училишта биле опремени со нова ИТ опрема, воведени се електронски дневник и електронски свидетелства, а повеќе од 1.000 наставници поминале обуки за етичка примена на вештачката интелигенција.

Во инфраструктурата само во првата година од мандатот биле инвестирани над 70 милиони евра за изградба на нови училишта, спортски сали, реконструкции и проширување на постојните капацитети.

Дополнително, бројот на образовни асистенти во основното образование е зголемен од 800 на 1.350, а за првпат се воведени 150 асистенти и во средното образование.

Од партијата оценуваат дека овие мерки претставуваат „враќање на достоинството и квалитетот во образованието“ и дека системот постепено се стабилизира по години на проблеми со учебници, инфраструктура и услови за работа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk