По 56 години, охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“ добива ново лице. Денеска свечено беше пуштен во употреба реконструираниот аеродром, чија обнова започна во март годинава, со цел да се подобрат условите и искуството за патниците. На промоцијата, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека по завршената работа практично е отворен нов аеродром, со обновена терминална зграда и помошни простории. Во исто време, охридскиот аеродром бележи рекордна година со над 240 илјади патници од почетокот на 2026 година, а очекувањата се дека вкупниот број патници на двата македонски аеродроми ќе достигне околу 4 милиони.
Обновениот терминал добива и препознатлив охридски печат – во неговата внатрешност се поставени реплики на мозаици од стариот град на Охрид, како и мотиви од Варош и Плаошник и реплика на фрески од катедралната црква „Света Софија“, со што културното наследство на градот станува дел од новиот изглед на аеродромот.
Николоски додаде дека паралелно со аеродромот се работи и на инфраструктурата за да може да се заокружи една целина во развојот на овој регион и од Охрид до аеродромот вече може да се стигне по новиот автопат. Најави дека најтешката делница ќе се отвори во следните месеци и очекувам во текот на првото полугодие од следната година да се отвори целиот автопат.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека со концесионерот ТАВ заклучиле дека целите кои што беа поставени пред помалку од 20 години одамна се надминати, а новите цели ќе бидат дел од агендата и на концесионерот и на Владатакоја ќе продолжи и понатаму на инвестира во инфраструктурата.
На 4 авуст годинава, концесионерот ТАВ Македонија соопшти дека охридскиот аеродром забележа раст од 41,21% во јули и опслужил 52,544 патници и претставува најуспешен месец во историјата на аеродромот. Реализирани се 443 летови, односно 34,65% повеќе отколку во јули 2025 година.
„Во истиот месец беа поставени уште два значајни рекорди. На 26 јули беше регистриран најфреквентниот ден во историјата на охридскиот аеродром, со опслужени 2.988 патници, додека на 20 јули беа реализирани рекордни 22 летoви во текот на еден ден. Позитивниот тренд се потврдува и преку кумулативните резултати. Во периодот од јануари до јули преку охридскиот аеродром патувале вкупно 175.182 патници, што е за 24,24% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период биле реализирани 1.350 летови, што претставува раст на авионскиот сообраќај од 28.69%“, рекоа од ТАВ Македонија.
Рекордниот раст е резултат на зголемениот број дестинации кои се врзани со Охридскиот аеродром. Охрид летово е поврзан со 14 дестинации во Европа. Во летната сезона се вратија минатогодишните редовни линии за Истанбул и Белград на „Туркиш ерлајнс“ и „Ер Србија“, а од ова лето и австриската „Аустриан ерлајнс“ ја промовираше линијата за Виена. Нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ во летните месеци ги воведе редовните летови за Катовице и Вроцлав во Полска. Покрај туристичките чартери од Лондон, Манчестер и Амстердам, зголемен е и бројот на чартер летови за Цирих и Базел.
„Аустријан ерлајнс“ на почетокот на месецот објави дека ќе ги прекине сезонските летови помеѓу Виена и Охрид неколку недели порано од планираното и ќе ги намали фреквенциите во втората половина на септември. Авиокомпанијата планира да заврши со летовите на 27 септември, наместо на 18 октомври. Од 17 септември до последната услуга, летовите ќе се одвиваат само еднаш неделно, а не двапати како досега. Сезонската линија Охрид-Виена стартуваше на 21 јуни, повеќе од еден месец подоцна од првично најавеното. Новата директна линија требаше да сообраќа двапати неделно, секој четврток и недела, до 18 октомври.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата