Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средби со жителите на Радиовце, Теново, Брвеница и Седларце, во Општина Брвеница, каде што во непосредни разговори со граѓаните се осврна на нивните потреби, приоритети и предизвици.
Мицкоски преку објава на социјалните мрежи ја нагласи важноста на директната комуникација со граѓаните, посочувајќи дека одговорната работа, исполнувањето на ветувањата и реализацијата на конкретни проекти се основа за градење доверба.
„Денеска остварив средби со жителите на Радиовце, Теново, Брвеница и Седларце, во Општина Брвеница“, напиша премиерот.
Тој истакна дека токму непосредните разговори овозможуваат подобро препознавање на потребите на секое населено место.
„Непосредниот разговор со граѓаните е најдобриот начин да ги препознаеме нивните приоритети, да ги разбереме предизвиците со кои се соочуваат и да понудиме конкретни решенија“, порача Мицкоски.
Премиерот нагласи дека градењето силни општини бара континуирана посветеност, одговорност и соработка со граѓаните.
„Нашата обврска е да градиме доверба преку одговорна работа, исполнети ветувања и проекти што носат вистински придобивки за секое населено место. Силна општина се гради со визија, посветеност и партнерство со граѓаните“, истакна Мицкоски во својата објава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата