Министерот за култура Зоран Љутков изјави дека нема да има укинување на институциите во културата, туку нивна современа реорганизација преку фузирање на установи што немаат доволен капацитет за самостојно функционирање. Според него, целта е институциите да работат поефикасно и да се зајакне стручниот, а не административниот кадар.
„Нема да има укинување на институциите во културата, туку нивна современа реорганизација. Оптимизацијата на националните установи значи фузирање на одредени институции што немаат капацитет да продолжат да работат со друга установа, која има потреба од таков вид услуга. Не се отпуштаат носителите на дејности, напротив, ќе се зголемува бројот на вработени, особено фокусот ќе бидат стручните кадри, а не административниот кадар. Никој нема да биде отпуштен од работа. Едноставно, едната институција се фузира со другата и со заеднички сили ќе функционираат многу подобро, а нашиот фокус ќе биде стручниот кадар во културата. Примерот веќе го има и во Националната стратегија и во документот за реорганизација. Неколку, дел од новите што се формирани пред, ми се чини дека во 2023 година, формирани без консултација и стручна анализа и потреба зошто се формираат, се останати на еден вработен, а тие реално се дел од манифестациите. Значи, имате манифестација што работи три дена во годината, а во планот за вработување, со систематизацијата, некаде 25-30 работни места. Значи, за нас е многу поважно таа институција да не се згасне, туку да влезе под одредена веќе постојна институција како одделение или како сектор. Верувајте, ќе функционира многу подобро отколку вака независно и самостојно“, објасни Љутков.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата