Министерството за правда соопшти дека постапува исклучиво согласно законите и меѓународните договори и дека во однос на случајот со Никола Груевски, се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање во рамки на законската процедура.
„Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив. Воедно, нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации“, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Во подолга објава на Фејсбук, екс премиерт Никола Груевски му се обраќа на актуелниот министер за правда, Игор Филков, порачувајќи му наместо да собира информации од судовите за започнување постапка за екстрадиција, да ги истражи, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и монтираните судски процеси што се водат против него.
„Го слушнав денеска излагањето на министерот за правда на Македонија, објаснувајќи на медиумите и јавноста како ревносно собирал информации од судовите и како ја чекал новата власт во Унгарија за да се информирал за промената на мојот и статус тука и да започнал постапка за екстрадиција. Го гледам, и се прашувам кој е на власт во Македонија?! Гледајќи од страна, воопшто не личи дека СДСМ на криминалецот Заев со неговата омраза и валкани методи си заминала од власт. Му предлагам на министерот исто толку ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направи за да може полесно да владее. Му предлагам да собере информации како беа доставувани списоци од кабинетот на Заев за тоа кој треба да биде гонет за да се направи дека е криминалец и да се острани од политиката, а кој за да биде уценет и лажно да сведочи против други“, вели експремиерот Груевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата