Општина Центар започнува јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 05 – Барутана.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повика жителите активно да се вклучат и да достават свои предлози, мислења и забелешки.
– Ниту една одлука не е само моја, ниту само на Општината или на Советот. Одлуките треба да ги носиме заедно со граѓаните. Затоа ги повикувам сите жители да се вклучат во јавната анкета, бидејќи секое мислење е важно и секој предлог заслужува внимание. Само преку отворен дијалог можеме да носиме одлуки што ќе бидат во интерес на граѓаните – порача Герасимовски.
Јавната анкета ќе се спроведува во периодот од 13 август до 14 септември 2026 година.
Граѓаните ќе можат да пополнат анкетни листови во писмена форма, секој работен ден од 8 до 16 часот, во просториите на ООУ „Кочо Рацин“ (улица Салвадор Аљенде бр. 2), каде што нацрт-планот ќе биде изложен во хартиена форма.
Анкетните листови ќе бидат достапни и во електронска форма преку веб-страницата на Општина Центар.
Дополнително, јавната презентација на нацрт ДУП-от ќе се одржи на 3 септември 2026 година, со почеток во 12 часот, во просториите на Општина Центар.
Нацрт-деталниот урбанистички план се однесува на Градска четврт Ј 05 – Барутана, за планскиот период 2025–2030 година.
Планскиот опфат е дефиниран на север, исток и запад по оска на новопланираната собирна улица „Јужна обиколница“, а на југ по границата на Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Вкупната површина на планскиот опфат изнесува 6,89 хектари.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефоните 02/3203-605 и 02/3203-660, или на е-пошта [email protected].
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата