Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски денеска изјави дека кредитот од пет милиони евра што, според него, српската Алта банка го одобрила на компанија поврзана со сватот на Али Ахмети, ја потврдува заинтересираноста на поранешната влада на СДСМ и ДУИ за влез на банката во Македонија.
Манасиевски рече дека тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими ја отворил темата за Алта банка на владина седница на 24 октомври 2023 година. Тој ја поврза компанијата „АС Сењак“, за која тврди дека е во сопственост на сватот на Ахмети, со кредитот и со бизнис-поврзаноста со Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, во купувањето на „Соравија“.
Од СДСМ и од поранешниот министер Бесими побара да одговорат дали во времето кога била отворена темата за Алта банка имале сознанија за компанијата и за нејзиниот сопственик Давор Мацура, како и зошто, како што рече, не зборувале за соработката со ДУИ.
Манасиевски ја обвини СДСМ дека во случајот дејствува како „спотер“ и рече дека партијата и нејзиниот лидер Венко Филипче зборувале за Алта банка од сопствени интереси.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата