Сите документи потребни за екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски се доставени до Министерство за правда, потврдиле за Телма од Основен кривичен суд Скопје.
Од Министерството побарале од Судот да ги достави сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, по што биле испратени потребните одговори и документација. Во моментов против Груевски сè уште се водат и активни, но и веќе завршени судски процеси.
Министерот за правда Игор Филков пред два дена изјави дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, за тамошните институции да бидат официјално известени дека Македонија е заинтересирана за враќање на Груевски, кој таму има политички азил. Новата влада треба да биде конституирана на 9 мај, Денот на Европа.
По изборната победа, Петер Маѓар, кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, најави дека ќе иницира екстрадиција на Груевски и порача дека земјата нема да биде депонија за странски криминалци.
Сепак, според правни експерти, азилот на Груевски не може да биде укинат преку ноќ, а додека трае тој статус, екстрадицијата не е возможна.
Не се исклучува ниту можноста Груевски веќе да има унгарско државјанство, што дополнително би ја усложнило постапката.
Доколку биде вратен во Македонија, Никола Груевски треба да издржи затворска казна од десет и пол години за предметите „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“, додека во отсуство му се суди и за случаите „Титаник“ и „Талир 2“. Груевски, според законот, по враќањето во Македонија има право на повторување на судењата вршени во негово отсуство, што значи дека изречените казни не стапуваат на сила туку ќе има ново судење.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата