Обвинителката спинувала искази на вработени во ЕСМ со правдање од нивни технички наводи за да ја затвори истрагата за мазутот и паушално го спровела вештачењето на доказите, реагира ЕСМ со напад врз обвинителката во ОЈОГОКК , Катерина Коларевиќ иако не ја спомнува со име во своето писмено обраќање во јавноста.
АД ЕСМ најостро и во целост ги отфрла наводите кои немаат допирна точка со реалноста, туку служат исклучиво за евтин политички маркетинг и манипулација со јавноста, реагира ЕСМ во соопштение.
ЕСМ категорично ги негира овие тврдења во своето соопштение:
„Компанијата тврди, и истото ќе го потенцира во Приговорот – дека постапувачката обвинителка паушално го спровела вештачењето на доказите од кривичната пријава и неосновано ги искривила исказите на инженерите пратени на барање на Обвинителството за да ги образложат од технички аспект механизмите на спроведување на спорната набавка, како изговор за прекин на постапката. Во овој контекст, јасно укажуваме дека лицата повикани во предистражната постапка не биле ниту овластени, ниту компетентни, а најмалку одговорни да даваат коментари за евентуална финансиска штета. Нивната улога согласно барањето на Обвинителката – била единствено да ги образложат техничките процеси при набавката на мазутот и реализацијата на планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино.
Видно од наредбата за запирање на истражната постапка, на овластените технички лица од АД ЕСМ, иако некомпететни во економската област – не им било предочено ниту биле запознаени со вештиот наод и мислење во економската област, иако истиот бил составен пред распитот. На вкрстени прашања од правните застапници на осомничените за време на распитот, техничките лица на АД ЕСМ само констатирале дека вкупните количини на произведена електрична енергија, заклучно со април 2023 година, одговарала на потрошената количина мазут во ТЕЦ Неготино и во тој поглед техничките лица само констатирале дека не била нанесена штета врз планот за производство, без да се елаборира дали потрошената количина била согласно тендерските услови и договорот.
Токму тие технички искази сега се злоупотребуваат за спинување и правдање на Обвинителката дека наводно, Наредбата за запирање на постапката била резултат на изјавата од АД ЕСМ, дека немало настаната материјална штета.
Со тоа всушност, Обвинителството го потврдува вештиот наод и мислење од економско-финансиска област, поклонувајќи верба на искази на некомпетентни лица во областа, наместо вештиот наод и мислење да го достави до АД ЕСМ како оштетена страна за да може Компанијата преку своите компетентни лица во областа – да се произнесе по истиот.
АД ЕСМ, како директно оштетена страна, во ниту еден момент не беше повикана од ОЈО ГОКК официјално да се произнесе врз основа на своите прецизни финансиски анализи, за реалната штета поради која и беше почната постапката.
Напротив, направена е суштествена повредена на постапката бидејќи вештите наоди и мислења никогаш во текот на постапката не биле доставени до АД ЕСМ од страна на Обвинителството, туку биле доставени дури по запирање на постапката.
Од тука, срамен е обидот да се гради политичка конструкција врз основа на паушални аргументи искористени како правдање од Обвинителството за стопираната постапка, да пласира дновно-популистички напади и обвинување кон раководството на Компанијата. Апелираме до сите политички субјекти да се воздржат од коментари и заклучоци, за предмет кој сè уште не е правно завршен. АД ЕСМ останува на линија на законот и со сите можни законски алатки ќе се бори за правда и надомест за претрпена финасиска штета.
Очекуваме праведна разрешница на предметот, во најкраток можен рок по прифаќањето на нашиот Приговор.“
Наместо генералниот директор, помошник директор и советник во АД ЕСМ дале изјави дека компанијата не е оштетена во случајот „Тец Неготино“, врз основа на кои, меѓудругото, била прекината истрагата за случајот „Мазут во ТЕЦ Неготино“, тежок 167 милиони евра – пишува Телма врз основа на одговор што го добиле од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Обвинителката Катерина Коларевиќ вели дека во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут.
Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.
Од друга страна, шок за запирањето на истрагата јавно изрази и првиот полицаец од чиј ресор, МВР излезе кривичната пријава лани во март.
„Res judicata, пресудена работа во овој дел на истражна постапка, правото не познава. Да видиме како ќе се процесуираат сите останати чекори во иднина и да видиме како ќе се однесуваат сите поврзани институции во рамки на овој процес, многу значаен процес за правото и правдата во Македонија. Лично сум шокиран од одлуката која што беше донесена од страна на обвинителството, коешто пред година дена даваше напатствија, даваше наредби, прифати кривична пријава, побара мерки за обезбедување присуство – најстроги согласно одредбите на Законот за кривична постапка, дел од осомничените беа и во притвор, и така натаму, и така натаму“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Истрагата е запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски- сопственик на Пуцко петрол и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулковски и уште 8 други осомничени.
Со пријавата тие беа осомничени дека правеле злоупотреби со јавните повици за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино во енергетскјата криза од крајот на 2021-ва до средината на 2023-та година и дека испораките на мазут не биле согласно договорот. Обвинителството го затвори случајот тврдејќи дека не обезбедило доволно докази.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата