logo
logo
logo

НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА ЈА РЕВИДИРА НАШАТА ИСТОРИЈА, порача претседателката Давкова

Vecer | 02.08.2026

НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА ЈА РЕВИДИРА НАШАТА ИСТОРИЈА, порача претседателката Давкова

Никому не му должиме за тешко изборената држава. Токму затоа, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја оти секој народ има право на своја историја. Имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација, којашто со крв извојува слобода и македонска република, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање по повод 2 Август - Илинден, пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје.

Претседателката нагласи дека Илинден е вистински ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава. Истакна дека АСНОМ не е стихиен или случаен настан, туку длабоко осмислен демократски државотворен чин, историски инспириран од традициите на Француската револуција и на Илинденското востание.

-Старите илинденци, Панко Брашнаров, Димитар Влахов и Павел Шатев во АСНОМ ги отелотвориле заветот и аманетот на Гоце Делчев и на илинденските херои. Владимир Полежиновски, млад доктор по право од Сорбона, го вдахнал духот на Француската револуција од 1789 година, со којшто бил задоен, во „Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија“, по примерот на француската „Декларација за правата на човекот и граѓанинот“. Токму затоа, асномските државотворни документи се концептуално поблиски до западните демократски и либерални традиции, отколку до источните, догматски советски решенија, рече претседателката.

Харизматичниот народен трибун, Методија Андонов-Ченто пак, истакна таа, кому му се поклонуваме денеска, го афирмирал правото на самоопределување на македонскиот народ. Истото стана составен дел на основачките документи на Организацијата на обединетите нации, но и на уставите на членките на Југословенската Федерација, вклучувајќи го и Уставот на Република Македонија од 1974.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk