„ГОЛЕМИТЕ ПРАВАТ ШТО САКААТ, МАЛУБРОЈНИТЕ ШТО МОРААТ“: Мицкоски со остра порака за бугарските пречки на патот на Македонија кон ЕУ

Vecer | 23.10.2026

„ГОЛЕМИТЕ ПРАВАТ ШТО САКААТ, МАЛУБРОЈНИТЕ ШТО МОРААТ“: Мицкоски со остра порака за бугарските пречки на патот на Македонија кон ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски, на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порача дека Македонија го минува најдолгиот и најтешкиот пат кон Европската Унија, обвинувајќи ја Бугарија дека го користи членството во Унијата за да поставува пречки на македонските евроинтеграции.

„Ја споделувам загриженоста на секој еден од вас, но и измореноста на сите генерации од предолгото чекање во чекалницата на Европската Унија. Го врвиме не само најтешкиот, туку и најдолгиот пат кон Европската Унија“, рече Мицкоски.

Според него, Македонија се соочува со долгогодишни одложувања, откажувања и неправедни условувања, поради што е неопходно да се дејствува со мудрост и единство.

„Големите го прават тоа што сакаат, а малубројните тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека, и покрај заморот од билатералните спорови и дополнителните услови, откажувањето од преговорите со Европската Унија не е решение.

„Честопати ми велат: напуштете ги преговорите. Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса“, рече Мицкоски.

Премиерот посебно се осврна на односите со Бугарија, тврдејќи дека прашањата што денес се поставуваат како услов за македонските евроинтеграции не биле отворани на ист начин пред нејзиното членство во ЕУ.

„Нашиот источен сосед, сè до влезот во Европската Унија, немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш воопшто не го поставуваше прашањето за бугарската заедница во Македонија, за која сега тврдат дека е многу важно да биде дел од нашиот Устав“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Бугарија, откако станала членка на Унијата, добила можност да ги користи европските механизми за блокирање на македонскиот пристапен процес.

„Влегува во просторијата каде што не сме ние и каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат. Ете затоа е важно да бидеме и ние таму“, порача премиерот.

Мицкоски нагласи дека политиката не ја доживува како демонстрација на сила, туку како долгорочна стратегија во која трпението и внимателните одлуки се поважни од брзите реакции.

„Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост“, рече тој.

Според премиерот, неговата задача не е да ги продолжува историските спорови, туку да обезбеди подобра иднина за следните генерации.

„Мојата задача како претседател на Владата не е да се занимавам со коски кои му припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца“, изјави Мицкоски.

Тој порача дека нема да подлегне на провокации и притисоци и дека ќе продолжи со политика на дијалог и трпеливост.

„Не треба секогаш на прва да се реагира. Јас не трчам на сто метри, туку маратон. И на тој маратон ќе победиме“, рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk