Вештачењето од есхумацијата на телото на 35-годишната Марија Маринковска покажало дека и таа е жртва на серискиот убиец 25-годишниот Т.Б. од Малотино, потврдија за Вечер извори во Обвинителството.
Воедно Обвинителството соопштило дека има наредба за уште една есхумација и за уште едно вештачење, на починато лице за кои постои сомневање дека исто така е жртва на серискиот убиец.
Жителите на Челопек и Драгоманце се вознемирени и стравуваат за својата безбедност, а дел од нив се сомневаат дека 25-годишниот осомничен можеби имал и соучесник.
Т.Б. од селото Малотино се сомничи дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на засега неутврден датум, во Челопек, Општина Старо Нагоричане, свирепо ја убил 78-годишната М.С.
Поради сличностите во изборот на жртвите и начинот на извршување, Обвинителството проверува дали и други случаи може да се поврзани со истиот сторител.
Роднини на 35-годишната Марија Маринковска од Куманово, која беше ексхумирана за повторно да се утврди причината за смртта, претходно се жалела дека осомничениот ја следел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата