Времето во Македонија и денеска е сончево и многу топло, а највисоките дневни температури се измерени во Скопје, Велес и Демир Капија, каде живата во термометарот достигна 39 степени.
Според прогнозата, до крајот на денот ќе преовладува сончево време со мала локална облачност. Во западните делови ќе дува слаб до умерен североисточен ветер, додека во источниот дел од земјата ветерот ќе биде со променлив правец.
Температурите низ државата се движат од 33 до 39 степени. По Скопје, Велес и Демир Капија, најтопло е во Гевгелија, Штип и Струмица со 38 степени, додека во Тетово и Битола се очекуваат до 36 степени.
Најсвежо утрово било во Берово, каде се измерени 9 степени, а максималната дневна температура таму ќе достигне околу 31 степен.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека под влијание на топла воздушна маса од југ, многу топлото време ќе продолжи и во наредните денови. Дневните температури насекаде ќе бидат над 33 степени, а во одделни региони ќе надминат и 40 степени.
Синоптичарите предупредуваат дека високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови, што дополнително ќе го отежне разладувањето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата