Досега на распит се повикани три малолетни момчиња со родителите, а уште три ќе бидат повикани како осомничени на групен физички напад во рамки на истрага за кривично дело насилство, потврдуваат за Телма од скопската полиција.
Плоштадот „Делфина“ во Влае бил местото на крвавиот инцидент кога 13-годишно дете било тешко повредено откако викендот било нападнато од поголема група на деца.
Инцидентот се случил околу половина час по полноќ, сабота кон недела, а утредента откако мајката го згрижила детето и му обезбедила медицинска нега за да му се помогне, пријавила и во полиција.
МВР го потврди крвавиот настан
На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници, од кои некои ги познавал, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Мајката во изјава за порталот Скопје1 наведе дека во нападот учествувале најмалку 15-тина деца од кои едно го знаело нејзиниот син.
Бил „избран“ за жртва да помине „низ кругот“ и почнале да го удираат, а употребиле боксирач со кој два заба на детето му се скршени.
Лекарите го упатиле детето на дополнителни прегледи на радиологија, неврохирургија, максилофацијална хирургија.
Мајката вели дека детето прво криело, бидејќи му било страв ако биде пријавено - повторно де не го нападнат насилниците.
Немало причина, едноставно е довикнато - е, овој може да помине низ кругот низ кој потоа го тепале.
-Исплашен, тргнал накај него, му удриле шлаканица и го пикнале во кругот меѓу групата и почнале буквално, покажуваше синот, да го буткаат и подаваат како топка еден кон друг и во тој момент скокнале сите кон него. Еден му викал на силен тон му викал и почнал да му удира боксови. Најстрашно е што е употребен боксирач, вели мајката на нападнатото дете за Скопје1.
Нападот е уште еден во низата каде и жртви и насилници се малолетници, пред десет дена, дете беше нападнато во училишен двор од група врсници, кај Бит пазар, на почетокот на месецот имаше сличен напад во Ѓорче Петров, а најбруталниот е нападот врз 13-годишно момче во Чаир кое беше избодено со нож и по едномесечна борба за живот- им подлегна на повредите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата