logo
logo
logo

ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК КАКО УСЛОВ ЗА МИЛИОНСКА ПОМОШ – Рокас бара партиите да се договорат денеска

Vecer | 14.07.2026

ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК КАКО УСЛОВ ЗА МИЛИОНСКА ПОМОШ – Рокас бара партиите да се договорат денеска

Евроамбасадорот Михалис Рокас се надева оти денеска ќе се постигне консензус меѓу политичките партии за измените на Изборниот законик што е обврска од Реформската агенда.

– Јас навистина се надевам дека денеска затоа што е последниот ден за постигнување консензус помеѓу политичките партии компромисот ќе се постигне имајќи предвид дека политичките партии се среќаваат на дневна основа. Така што навистина се надевам дека и овој чекор од Реформската агенда – измените на Изборниот законик ќе може да се постигне затоа што се работи за 4,2 милиони евра коишто би биле искористени за бенефит на граѓаните на оваа земја. Навистина се надевам дека консензусот ќе може да се постигне, изјави Рокас, на новинарско прашање по промоција на возила за Државниот транспортен инспекторат набавени со донација од ЕУ.

Прашан која е пораката за Македонија од ЕУ во услови кога денеска четири држави – кандидати отвораат и затвораат поглавја рече дека се надева оти државава многу бргу ќе може да ги започне преговорите за пристапување.

– Пораката е јасна, процесот на проширувањето е инвестиција во безбедноста, сигурноста, просперитетот и конкурентноста на Европската Унија. И како што гледате, тој процес се одвива многу бргу, имаме „нагазено на гас“, за четирите земји процесот на проширување оди многу бргу. Искрено се надеваме дека  Македонија наскоро ќе може да го следи тој пат со цел да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Се надевам дека Македонија ќе може да го зграпчи тој моментум за да може да ги почне пристапните преговори, рече Рокас.

Тој дополни, дека се надева оти работите ќе можат да се придвижат напред. – Веќе многу работа се прави зад радарот, зад погледите на јавноста, што не се гледа се со цел да може да се завршат работите. Се надевам дека наскоро ќе се најде решение кое ќе го отвори патот за започнување преговори со ЕУ, рече Рокас.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk