Претседателот на Собранието Африм Гаши годинава нема да присуствува на централната прослава на Денот на Републиката – Илинден на Мечкин Камен во Крушево, каде што би требало да одржи говор, бидејќи ќе учествува на Светската конференција на претседатели на парламенти во Каиро, Египет.
Според државниот протокол, кој ротира секоја година, Гаши годинава требаше да се обрати во Крушево по повод 2 Август – Денот на Републиката. Наместо него, на прославата ќе зборува потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.
Од Собранието за медиумите изјавиле дека поканата за конференцијата Гаши ја прифатил уште пред неколку месеци и дека станува збор за голем меѓународен собир на кој ќе учествуваат претседатели на парламенти од целиот свет, а организатори се Интерпарламентарната унија и египетскиот парламент.
Неговата одлука предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, затоа што и лани Гаши не присуствуваше на прославата во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде според протоколот требаше да држи говор. Наместо него, обраќање во Пелинце имаше потпретседателката на парламентот Весна Бендевска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата