Ако сакаме да влијаеме врз иднината, мора да работиме и да ја уредиме сегашноста, а младите активно да бидат вклучени во процесите на одлучување, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на дискусијата со млади за меѓуврсничкото насилство и вандализмот, одржана во вилата „Билјана“ во Охрид.

Таа предупреди дека постојаната изложеност на насилство преку медиумите, филмовите и социјалните мрежи го менува начинот на кој тоа се доживува во реалноста:
– Кога ќе го легитимирате насилството, тогаш не се чудете на ништо. Кога ќе ве бомбардираат во филмовите, во сликите, во видеата, на мрежите со слики, тогаш ќе помислите: па да не живееме во војна на световите. Секако, тоа влијае на реалноста, рече претседателката.
Осврнувајќи се на пораката дека „иднината им припаѓа на младите“, Сиљановска-Давкова нагласи дека тоа не смее да служи како оправдување за нивно занемарување во сегашноста:
– Јас понекогаш велам дека можеби ние возрасните, само заради таа фраза „на младите им припаѓа иднината“, ја осиромашуваме сегашноста. Земете ја сегашноста, ако сакате да влијаете врз иднината. Затоа вклучувањето во процесот на одлучување на младите, не само во Собранието, на сите нивоа, во училиштата, е важно, порача таа.
Претседателката заклучи дека борбата против насилството не смее да се сведе само на статистика бидејќи зад секој случај стои конкретна личност, истакнувајќи ја важноста на непосредниот човечки контакт и штетноста од вербалното насилство и говорот на омраза во дигиталниот простор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата