Оваа година Конкурсот за наградата беше распишан на 26 март, а пријавувањето траеше до 1 октомври 2026 година. Комисијата за доделување на наградата, во состав: проф. д-р во пензија Иван Џепароски, дописен член на МАНУ (претседател), проф. д-р Слаѓана Ристиќ Горгиев и проф. д-р Трајче Стојанов (членови), едногласно одлучи добитничка на наградата за животно дело за 2026 година да биде проф. д-р Вера Георгиева.
Во подолгото образложение на одлуката Комисијата констатира дека „проф. д-р Вера Георгиева во својата досегашна професионална дејност се издвојува како една од најзначајните и најпрепознатливите филозофски автори во нашата земја. Таа, како автор на неколку монографски изданија и на многубројни научни трудови во еминентни научни списанија, како учесник на голем број научни симпозиуми во земјата и во странство, со својот минуциозен пристап во доменот на историјата на филозофијата, а особено во рамките на прашањата и темите поврзани со византиската филозофија, секогаш успева на соодветен и на прецизен начин да ги толкува сложените филозофски прашања поврзани со античката и византиската филозофија.“ Понатаму, Комисијата истакнува: „Како со својата научноистражувачка дејност, така и со својот педагошки ангажман и харизма, но и со напорите за поширока афирмација на значењето и вредноста на филозофијата, Георгиева на најдобар начин ја реализира просветителската мисија на филозофскиот ангажман. Со тоа останува верна на духот на делото на Светите Кирил и Методиј – големите византиски мислители и општествено-културни дејци на поширокиот европски и словенски простор, патроните на нашиот универзитет, на кој таа го помина целиот свој работен век“.
Проф. д-р Вера Георгиева (1950) е интегрален дел на т.н. втора генерација македонски филозофи. Магистерската теза „Хајдегеровото толкување на Хераклитовиот логос“ ја брани на Филозофскиот факултет во Белград, додека докторската дисертација „Антрополошките импликации во филозофијата на исихазмот“ ја одбранила на Филозофскиот факултет во Скопје (1991). Од 1975 година па сè до заминувањето во пензија (2017) професионалниот ангажман го врзува со Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што низ годините ги предава предметите: Античка претсократовска филозофија, Античка систематска филозофија, Средновековна и ренесансна филозофија, Византиска филозофија, Арапска (исламска) филозофија, Еврејска филозофија, Толкување на историјата на филозофијата, Филозофија (општ курс). Голем број од тие предмети во универзитетскиот курикулум се воведени токму од неа, како на пр. Византиска филозофија (1999), предмет којшто има пошироко значење за нашата академска и културна заедница. Авторка е на четири монографии, како и на многубројни научни и стручни трудови публикувани во реномирани домашни и меѓународни списанија/зборници. Георгиева во два мандата била Претседател на Редакцискиот одбор на Годишниот зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, а била член и во одборите за доделување на наградите „Гоце Делчев“ и државната награда „Св. Климент Охридски“. Од 2012 до 2016 година проф. д-р Вера Георгиева ја извршувала функцијата на Сенатор на УКИМ.
Свеченото врачување на наградата „Константин Философ“ за животно дело ќе се одржи на 17 ноември 2026 година со почеток во 9 часот, во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје, во рамките на 23. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, во организација на Филозофското друштво на Македонија и Институтот за филозофија. Настанот е отворен за јавноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата