logo
logo
logo

Од Будинарци до Рим: Вангелина Пармачка меѓу 100-те жени херои на ФАО

Vecer | 19.10.2026

Од Будинарци до Рим: Вангелина Пармачка меѓу 100-те жени херои на ФАО

На 15 октомври 2026 година, таа ја претстави Македонија на Светскиот форум за храна во Рим, каде што доби признание во седиштето на ФАО. Нејзината приказна е приказна за секојдневна работа на фармата, за гордоста да се произведува храна и за истрајноста трудот на жените во земјоделството да стане повидлив и повреднуван.

„Горда сум што сум земјоделка“

Во Будинарци, Вангелина заедно со своето семејство управува со фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење. Таа секојдневно е вклучена во грижата за животните, производството и пласманот на производите.

За неа, сточарството е начин на живот и професија од која може да се обезбеди достоинствена егзистенција.

„Ова е благодарна професија од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство“, вели Вангелина.

Од одгледувањето на овците до сирењето што стигнува до потрошувачите, нејзината работа ги поврзува традиционалното знаење, производството на храна и претприемништвото. Таа е и пример за улогата на жените во семејните стопанства, каде што нивните обврски опфаќаат многу повеќе од самото производство.

Од работата на фармата до застапувањето за жените

Ангажманот на Вангелина не завршува на нејзината фарма. Како член на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ), таа се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, посилни права и подобри услови за работа и живот.

„Жените фармери се невидливи потпори на селото и државата. Нивниот труд мора да се препознае и вреднува“, нагласува таа.

Преку заедничкото дејствување во НФФ, жените придонесоа за иницирање посебна мерка за поддршка на инвестициите на жените фармери во Програмата за рурален развој. Нивното застапување придонесе и за воспоставување програма за поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, што го отвори патот кон регулирање на породилното отсуство за регистрираните жени фармери.

„Заедничката акција носи вистински промени и подобар економски и социјален статус за жените“, вели Вангелина.

Овие искуства ја зацврстуваат нејзината верба дека здружувањето им помага на жените да ги претворат заедничките предизвици во конкретни предлози и решенија.

Признание што може да охрабри и други жени

Иницијативата на ФАО се реализира во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, прогласена од Обединетите нации. Таа ги истакнува придонесите на жените во производството, преработката и трговијата со храна, како и во развојот на руралните заедници, повикувајќи на поголема поддршка и еднакви можности.

Признанието за Вангелина го доближува до меѓународната јавност знаењето, посветеноста и лидерството на земјоделките од  Македонија.

Таа верува дека иднината може да донесе подобри услови, поголема еднаквост и повеќе можности за жените во земјоделството. Себеси се гледа како уште поактивен глас на руралните жени и пример за младите девојки дека земјоделството може да биде стабилна и достоинствена професија.

Нејзиниот пат од Будинарци до Рим покажува дека работата на една семејна фарма може да оди рака под рака со лидерство што придонесува за промени и надвор од неа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk