Обвинувањата ги изнесе неговиот син Томас Маркл помладиот, полубрат на војвотката од Сасекс.
Британскиот весник „Сан“ вчера ги објави неговите тврдења дека пронашол сомнителен материјал во куќата на неговиот татко во Себу, Филипини, и дека го пријавил откритието на властите, вклучително и на ФБИ.
Меган Маркл се огласи за обвинувањата
Војвотката од Сасекс (45) ги коментираше обвинувањата во изјава за списанието „Пипл“. „Длабоко сум потресена од вестите што се појавија во последните 24 часа. Моите мисли се со сите деца кои можеби биле жртви“, рече таа.
„Уште во 2018 година, писмо беше испратено до лондонската метрополитенска полиција и до Кралското семејство и Службата за дипломатска заштита. Тоа писмо подоцна ми беше проследено. Во него беа изнесени вознемирувачки обвинувања против мојот татко, а ми беше кажано дека случајот се истражува“, продолжи таа.
Меган додаде: „Се надевам дека сега е јасно зошто се дистанцирав од татко ми и решив да не му дозволам контакт со нашите деца, и покрај годините медиумско искривување на вистината. Имаше само една причина: да ги заштитам.“
„Верував дека надлежните служби ги штитат другите семејства на ист начин“, изјави таа. „Иако она што сега е откриено е уште пострашно отколку што може да се замисли, искрено се надевам дека правдата ќе биде задоволена. Безбедноста и заштитата на невините деца мора да останат приоритет.“
Меган е единственото дете на Томас Маркл постариот и Дорија Рагланд. Од првиот брак со Рослин Лавлес, Томас има уште две деца, синот Томас помладиот (60) и ќерката Саманта (61).
Што тврди Томас Маркл помладиот?
Томас помладиот изјави за The Sun дека го пронашол предметниот материјал во четири големи кутии. Според него, тие содржеле „стотици, ако не и илјадници“ фотографии кои, тврди тој, ја прикажуваат сексуалната злоупотреба на деца. Тој наведува дека пронашол и видеа од сексуална злоупотреба на девојчиња под 11 години, како и 15-минутно видео од голи деца на стариот мобилен телефон на таткото.
„На неговиот компјутер имало редови од минијатури од фотографии што воделе до најстрашните сцени на злоупотреба на деца што можете да ги замислите. Тоа беше најлошото нешто што некогаш сум го видел“, изјави Томас помладиот за „Сан“. Тој исто така тврди дека пронашол три фотографии од голи девојчиња и изјавил за „Сан“ дека една од нив изгледа е направена во поранешниот дом на неговиот татко во Росарито, Мексико.
Според британскиот весник, Томас помладиот пронашол и стари книги кои, како што тврди, биле полни со фотографии од голи девојчиња. Една од нив наводно содржела сцени од сексуална злоупотреба на многу мало дете. „Она што го видов ме разболеше. Сето тоа го пронајдов случајно и не знаев што да правам“, изјавил тој.
„Веднаш сфатив дека ова е нелегален материјал и дека би можел да завршам во затвор многу години ако не го направам правилното. Се чувствував предаден, лут и згрозен. Знаев дека морам да го пријавам.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата