Во ноември 2024 година, професорката по биоинженеринг, д-р Кијана Аран, помина пет дена во целосна изолација и темнина за од прва рака да истражи што му се случува на телото и на мозокот кога ќе се отстранат речиси сите надворешни дразби. Таа влезе во една од коморите налик на пештера во руралните предели на западна Полска, опремена со низа биосензори што ги следеле нејзините физиолошки промени. *The Scientist*
Аран за списанието *The Scientist* објасни дека се согласила на експериментот поради научна љубопитност, но и поради лична потреба да го забави текот на своите мисли. „Како професор, мојот мозок постојано работи. Се обидував да го смирам со јога и медитација бидејќи секогаш размислувам за следниот чекор, па за оној по него, и така натаму. Не можам да седам мирно, а понекогаш сè тоа едноставно станува премногу“, изјави таа.
За време на престојот, таа носеше разни сензори за следење на својата состојба, вклучувајќи уред за следење на мозочната активност, мерач на гликоза и прстен што ги регистрираше сонот и отчукувањата на срцето. Имаше кревет, бања и туш, но немаше пристап до мобилен телефон, компјутер или други форми на забава. Храната ѝ се доставуваше еднаш дневно преку систем непропустлив за светлина, а времето на достава намерно се менуваше за да се наруши нејзиното чувство за текот на времето.
Почна да халуцинира
Откако првично се чувствуваше опуштено, ситуацијата почна да се менува. Аран почна да доживува живописни визии и повеќе не можеше да биде сигурна дали сонува или халуцинира. Во еден момент, ги виде мајка си, братучедот и баба си – која починала пред неколку години – како заедно гледаат нешто на „Ајпад“ (iPad).
Менталниот аспект на експериментот набрзо стана многу потежок за неа од физичкиот. По вториот оброк, почна да се прашува како ќе издржи уште три дена, бидејќи недостатокот на активност стана речиси неподнослив. „Како ќе издржам уште три дена овде? Не сум направила апсолутно ништо“, рече таа. Целото искуство го опиша како „вид тортура“ и призна: „Едвај чекав да излезам“. Иако можеше да го прекине експериментот во секое време, таа одлучи да остане до крај. Сметаше дека предвременото заминување би ги разочарало колегите кои ги очекуваа резултатите од нејзиното истражување.
Вкусот на храната одеднаш се промени
Изолацијата влијаеше на повеќе од само на нејзината перцепција за просторот. Аран забележа дека вкусовите и текстурите на храната станале многу поинтензивни. Подоцнежната анализа на нејзината плунка покажа зголемување на нивото на рецептори за вкус уште во првите неколку часа поминати во темнина.
Исто така, забележа дека во потполна темнина може да ги разликува контурите на предметите околу себе. По експериментот, податоците покажаа промени во нејзиниот имунолошки одговор, цревниот микробиом и циркадијалниот ритам – нејзиниот внатрешен биолошки часовник. Овие вредности се вратија на почетното ниво неколку дена откако таа излезе. Важно е да се нагласи дека станува збор за експеримент со само едно лице; затоа, самите резултати не можат да докажат како другите би реагирале на неколкудневно престојување во потполна темнина. Самата Аран предупреди дека е невозможно да се извлечат дефинитивни заклучоци од такво истражување.
Од темнината во замрзнато езеро
И покрај тешките моменти, Аран вели дека искуството на крајот оставило силен, позитивен белег врз неа. Откако излезе, забележа дека е поблагодарна, потрпелива и посочувствителна, како и дека на секојдневните работи гледа поинаку.
Во статија за списанието *Nature*, таа го опиша моментот кога конечно излезе од темнината, на петтиот ден. „Кога конечно излегов од пештерата на петтиот ден, ги прегрнав оние што со нетрпение ме очекуваа – колегите, пријателите и луѓето што ја овозможија оваа прилика. Во тој момент сакав да почувствувам сè одеднаш, па истрчав до блиското замрзнато езеро и скокнав во него. Ледената вода ме печеше по кожата, но по пет дена во темнина, тоа беше најживописниот потсетник дека сум жива.“
Таа го опиша искуството како нешто што и денес продолжува да го обликува нејзиниот поглед на животот. „Сè уште го носам тоа чувство во себе“, рече таа. „Ја ценам секоја работа околу мене.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата