Беки Џонс имала само 21 година кога лекарите ѝ соопштиле дека има тумор на мозокот и дека ѝ преостануваат уште неколку месеци живот. Оваа дијагностичка катастрофа, поставена од искусен онколог, ја вовлече во единаесетгодишна борба со хемотерапија која ѝ го преврте животот наопаку, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Денес, на 33-годишна возраст, таа шокантно открила дека никогаш во животот немала рак, туку обична воспалителна состојба на мозокот која лесно се лекувала со обични стероиди. Џонс е меѓу повеќе од 40 пациенти кои покренаа колективна тужба против болницата во Ковентри (University Hospitals Coventry and Warwickshire - UHCW) поради долготрајно и целосно непотребно лекување.
„Постојано ми повторуваа дека ќе умрам ако не одам на хемотерапија“, раскажува таа, сведочејќи за постојаните мачнини, уништената кариера и секојдневниот страв со кој живеела.
Деценија тортура поради грешка
Според зборовите на нејзината правна застапница, контроверзниот доктор Ијан Браун ѝ дијагностицирал глиобластом од четврти степен уште пред официјално да пристигнат наодите од биопсијата. Кога Беки се сомневала во резултатите од снимањата на кои немало траги од тумор, онкологот лажно ја уверувал дека болеста „не е видлива со голо око“.
Вистината излезе на виделина дури во 2025 година, по комплетната ревизија на случаите на доктор Браун. Други пациенти исто така посведочија дека со години примиле стотици непотребни циклуси на лекот Temozolomide (TMZ), што кај некои предизвикало трајна стерилитет или тешки заболувања како леукемија. Прегледот на британскиот Кралски колеџ на лекари покажа катастрофални пропусти и недостаток на основна клиничка контрола, додека болничките фармацевти со години дозволувале непрекинато земање на терапијата.
Болницата соопшти дека сите погодени пациенти се прегледани од нови експерти и оти се спроведуваат независни истраги за да се утврди одговорноста за овој незабележан скандал.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата