Жената ја забележала огромната змија во тревата на речниот брег и веднаш ги повикала полицијата и својот син. На местото на настанот пристигнале пожарникари од Кирхрот, кои со помош на експерт за влекачи утврдиле дека станува збор за анаконда – вид што потекнува од Јужна Америка, пренесува „Билд“.
Со помош на импровизирана опрема, полицајците успеале да ја фатат змијата, која – според пожарникарите – останала мирна и не пружала отпор.
„Беше подолга од змиите што обично ги гледаме овде“, изјавила таа пред полицијата, според „Еуроњуз“. Анакондата потоа била однесена во полициска станица, а подоцна и во прифатилиште за влекачи во Минхен, каде што била подложена на стандардни ветеринарни прегледи и карантин. Од прифатилиштето соопштија дека животното во моментов е мирно и во добра здравствена состојба.
Експертите сметаат дека анакондата најверојатно избегала од заробеништво, наместо намерно да била пуштена во дивината. Од прифатилиштето напоменуваат дека чувањето анаконди во Баварија е дозволено само во ретки случаи и под строги услови. Анакондите потекнуваат од речните и мочуришните предели на Јужна Америка.
Тие можат да достигнат должина од околу шест метри и тежина до 100 килограми, а пленот го убиваат со стегање. Германските власти сега се обидуваат да го пронајдат сопственикот на животното и ги повикаа сите што имаат информации за неговото потекло да стапат во контакт со прифатилиштето за влекачи во Минхен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата