logo
logo
logo

Европа: АКО ВИ ДОЦНИ АВИОНОТ ЌЕ ВИ ПЛАТАТ 250 ДО 600 ЕВРА

Vecer | 08.07.2026

Европа: АКО ВИ ДОЦНИ АВИОНОТ ЌЕ ВИ ПЛАТАТ 250 ДО 600 ЕВРА

Европскиот парламент ги потврди ажурираните права на патниците во воздушниот простор, при што се задржуваат постојните временски прагови за остварување право на отштета во случај на откажување и доцнење на летовите и се сузбива практиката на одбивање да се качи патникот на повратен лет само затоа што не го искористил билетот во едниот правец.

Европската Унија во 2004 година воведе правила за заштита на правата на патниците во случаи на одбиено качување во авион, доцнење и откажување на летови, а од 2013 година се водеа преговори за ажурирање на тие правила. Комисијата и Советот предлагаа да се зголемат временските прагови на доцнење за остварување право на отштета, но Европскиот парламент не се согласи да се загрозат постојните правила.

Парламентот во вторникот со уверливо мнозинство од 646 гласa „за“, 12 „против“ и тројца „воздржани“ го потврди договорот постигнат со државите членки во средината на јуни.

Кога летот е откажан или доцни најмалку три часа, патниците ќе го задржат правото на отштета - од 250 до 600 евра, во зависност од должината на летот.

Според новите правила, патниците за сите летови подолги од 3.500 километри ќе добијат 300 евра за доцнење од три до четири часа, а за доцнење подолго од четири часа или за откажување на летовите износот се зголемува на 600 евра.

Авиопревозниците ќе можат да избегнат плаќање отштета ако доцнењето или откажувањето е предизвикано од настани кои се надвор од нивна контрола, како природни катастрофи, војна, временски услови, штрајкови на аеродромите.

Во случаи на доцнење на летот патниците ќе имаат право на освежување на секои два часа чекање, право на оброк по три часа и на секои пет часа потоа, пристап до интернет и право на два бесплатни телефонски повици.

Во случај да мора да останат една или повеќе ноќи, ќе треба да им се обезбеди бесплатно сместување во хотел и бесплатен превоз од аеродромот до сместувањето и назад.

Досегашната практика со која на патникот му се одбиваше да се качи на повратен лет само затоа што не го искористил билетот во заминување повеќе нема да биде можна.

Според новите правила, авиокомпаниите ќе мора да им понудат на родителите или на лицата придружници на деца помлади од 14 години да седат заедно без дополнителни надоместоци, исто како и за патниците со инвалидитет и нивните придружници. Освен тоа, предност при качување во авион ќе имаат децата во детски колички.

Според договорот на Советот и Парламентот, авионските билети ќе мора автоматски да вклучуваат едно парче рачен багаж, со што се спречува доведување во заблуда на потрошувачите за вкупната цена на билетот.

Печатните грешки и грешките во името на патникот ќе можат бесплатно да се коригираат доколку се забележат најмалку 48 часа пред патувањето и не смеат да бидат причина за одбивање да се качи патникот на летот.

Известувачот на Европскиот парламент Андреј Новаков рече дека дошло време ажурираните правила, по 13 години преговори, да почнат да се спроведуваат.

- Пристигнувате на аеродромот полни со возбуда, одите на семеен собир, одмор, важен деловен состанок, интервју за работа, а потоа одеднаш екранот поцрнува или се менува, доаѓа до доцнење или откажување на летот.

Во тој момент не ви треба извинување. Не ви требаат изговори. Ви треба Европа која стои веднаш до вас, со јасни правила и права не само на хартија, туку и во практика - рече Новаков.

Сега уште Советот треба да го потврди договорот со Парламентот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk